Кои се симптомите и како да препознаете висок крвен притисок?

ШТО Е АРТЕРИСКА ХИПЕРТЕНЗИЈА

Артериска хипертензија е состојба на трајно покачен систолен и/или дијастолен крвен притисок. За хипертензија се смета вредност на крвниот притисок од 140/90 mm Hg и повисоко.

Артерискиот притисок е продукт на срцевиот минутен волумен и вкупниот периферен отпор. Поради тоа, секое зголемување на срцевиот минутен волумен или периферниот отпор, или двете, предизвикува пораст на артерискиот притисок.

Хипертензијата е пореметување во регулирањето на крвниот притисок која најчесто се појавува како последица на зголемување на вкупниот периферен васкуларен отпор.

Поради промените кои на големите артерии им се случува со стареењето, систолниот артериски притисок по 50. година со секоја нова година од животот расте за околу 2 mmHg, а дијастолниот крвен притисок за 0,5 до 1 mm Hg.

Мажите имаат повисоки вредности на артерискиот притисок од жеите до возраст од 60 години. Подоцна, таа разлика се губи, а во постара возраст жените имаат повисоки вредности на артерискиот притисок и поголема зачестеност на хипертензија.

Околу две третини од лицата постари од 65 години имаат висок крвен притисок.

Хипертензијата може да биде примарна или секундарна. Кај околу 85 до 95 проценти од случаевите, хипертензијата е примарна. Примарната хипертензија се разликува од секундарната, по тоа што нема јасен причинител. Кај повеќето кои имаат покачен крвен притисок, тешко е да се утврди што го предизвикува нивниот зголемен крвен притисок.

Хипертензијата е најчеста болест во развиените земји. Кај општата популација, хипертензијата е главен и независен ризик фактор за развој и смртност од кардиоваскуларни и цереброваскуларни болести. Колку е повисока хипертензијата, толку е поголем релативниот ризик од тие случувања.

Хипертензија може да имате со години без никакви симптоми. Високиот крвен притисок обично се развива со текот на годините.

Неконтролираниот висок крвен притисок го зголемува ризикот од сериозни здравствени проблеми, како што се срцев и мозочен удар.

СИМПТОМИ НА ХИПЕРТЕНЗИЈА

Повеќето луѓе кои имаат висок крвен притисок немаат знаци и симптоми дури и кога измерените вредности на крвниот притисок се опасно високи.

Иако некои луѓе со ран степен на покачен крвен притисок имаат тапи главоболки, вртоглавица или почесто од што е нормално им тече крв од носот, овие знаци и симптоми обично не се појавуваат додека високиот крвен притисок не достигне опасно ниво што може да биде опасно и по живот.

Крвниот притисок обично се мери за време на редовен контролен преглед. По 20. година,  би било добро да го мерите крвниот притисок барем секоја втора година. Вашиот лекар веројатно ќе ви препорача и почесто мерење ако веќе ви е дијагностициран висок крвен притисок или други ризик фактори за васкуларни заболувања.

Кај деца од над три години, крвниот притисок се мери како дел од редовните годишни систематски прегледи.