РИЗИК ФАКТОРИ
Причините кои го зголемуваат ризикот од појава на гастритис се:
Инфекција предизвикана од Хеликобактер пилори – Најзначајниот ризик фактор за гастритис е инфекцијата предизвикана од бактеријата Helicobacter pylori. Иако се смета дека се јавува кај половина од населението, инфекцијата предизвикана од оваа бактерија најчесто се јавува во земјите во развој. Повеќето луѓе немаат знаци и симптоми.
Редовна примена на нестероидни противвоспалителни лекови (NSAID) – Ако редовно земате ацетилсалицилна киселина за да спречите срцев или мозочен удар, изложени сте на ризик за појава на гастритис. Истото важи и за антивоспалителните лекови за ублажување на болки при артритис или други хронични состојби. Долготрајната примена на ацетилсалицилна киселина и други нестероидни противвоспалителни лекови може да предизвикаат надразнување на желудникот и крварење.
Возраст – Повозрасните лица, во однос на помладите, имаат зголемен ризик од појава на гастритис, со оглед дека желудочната слузница со стареењето се истенчува и постои поголема можност од инфекција со бактеријата Хеликобактер пилори или други автоимуни нарушувања.
СИМПТОМИ И ЗНАЦИ НА ГАСТРИТИС
- тапа или жаречка болка во горниот дел на стомакот што се влошува или подобрува со внесување храна
- гадење/мачнина
- повраќање
- губење на апетит
- подригнување или надуеност
- чувство на ситост во горниот дел на стомакот после јадење
- губење на тежина
Акутниот гастритис се јавува одеднаш и може да предизвика мачнина и жаречка болка или непријатност во горниот дел на стомакот. Хроничниот гастритис се развива постепено и почесто предизвикува тапа болка и чувство на ситост или губење на апетит по неколку залаци храна. Сепак, кај многу луѓе, хроничниот гастритис воопшто не предизвикува никакви знаци или симптоми.
Понекогаш гастритисот може да предизвика и крварење во желудникот, но ретко кога обилно. Ако се појави крварење во желудникот поради кое повраќате крв и имате црни, катранеста столици, веднаш побарајте лекарска помош.
Речиси секое лице искусило дигестивни проблеми и иритација (надразнетост) на желудникот. Во повеќето случаи, дигестивните пречки траат кратко и не бара медицинска нега. Меѓутоа, ако имате постојани симптоми на гастритис, една недела или подолго, консултирајте се со лекар.
КОМПЛИКАЦИИ
Ако не се лекува, гастритисот може да доведе до гастричен улкус (чир) и желудочно крварење.Некои форми на гастритис можат да го зголемат ризикот од карцином на желудник, особено ако слузницата на желудникот е многу истенчена и ако дошло до промени во клетките на слузницата.
Ако симптомите на гастритис не се подобрат и покрај третманот, кажете му на вашиот лекар.
Секако информирајте го вашиот лекар ако, по земањето на некој пропишан лек или лек без рецепт, особено ацетилсалицилна киселина или други лекови против болки, се јавуваат желудочни проблеми.