Дијабетесот значи делумен или целосен изостанок на производство на инсулин во телото. Ако боледувате од дијабетес тип 2 (дијабетес независен од инсулин) значи дека вашиот панкреас излачува инсулин, но во помали количини од потребното или инсулинот што го произведувате не функционира правилно (нечувствителност на мускулите на инсулин). Последица е зголемено ниво на шеќер во крвта.
Дијабетесот тип 2 обично бавно се развива кај возрасните. На почетокот може да лекува/третира со диета и вежбање, но подоцна лекувањето треба да се продолжи со таблети и/или инјекции инсулин. Дијабетесот тип 2 обично ги погодува луѓето постари од 35 години. Најчесто почнува во шеесеттите години, многу често без симптоми, така што се открива дури по појавата на хронични компликации. 80-90% од пациентите имаат прекумерна телесна тежина.
КОЈ Е ВО ОПАСНОСТ ДА ЗАБОЛИ ОД ДИЈАБЕТЕС ТИП 2?
Причините за заболување од дијабетес тип 2 може да се разликуваат од лице до лице. Во повеќето случаи, причината е непозната, но во некои случаи може да се препише на одредени генетски оштетувања.
Всушност во повеќето случаи, коренот е пронајден во генетската основа, бидејќи дијабетесот тип 2 е наследна болест во семејството. Начинот на живот е исто така важен фактор кој влијае на развој на болеста кај лицата склони да заболат од дијабетес тип 2. Дијабетесот е почест кај лицата кои премалку вежбаат, јадат масна храна или висококалорична храна или имаат прекумерна телесна тежина. Покрај тоа, покачениот крвен притисок, зголеменото ниво на липиди, дијабетес во бременоста, полицистични јајчници, нарушена толеранција на глукоза се исто така ризик фактори за развој на дијабетес тип 2.
ЛЕКУВАЊЕ
Кога ќе ви се дијагностицира дијабетес тип 2, целта треба да ви биде одржување на глукозата во крвта под контрола. Тоа ќе ви помогне да се чувствувате подобро, нормално да живеете и да избегнете хронични компликации поврзани со шеќерната болест.
Ризикот од развој на компликации се зголемува ако нивото на глукоза во крвта е над 7 mmol / l пред оброк или ако глукозата во крвта е поголема од 8 mmol / l еден до два часа по оброкот.
Запомнете дека секое подобрување на вредноста на глукозата во крвта ќе ја намали можноста од компликации. За да го одржите шеќерот во крвта под контрола, мора да го правите она што вашето тело некогаш го правело автоматски. Целта е да се имитира дејството на инсулинот како што било пред да заболите од дијабетесс и да го одржувате нивото на шеќер во крвта што е можно поблиску до нормалното. Можеби ќе можете подобро да го искористите инсулинот што вашето тело сè уште го произведува со подобрување на вашата исхрана и прилагодување на времето на оброците, како и со помош на вежбање и намалување на телесната тежина доколку е тоа потребно.
Доколку овие мерки не се доволни, ќе биде потребно да се земаат лекови кои го зголемуваат производството на инсулин или чувствителноста на инсулин. Ако тие не се ефикасни, или ако вашето тело е под стрес што вклучува и болест, можеби ќе ви требаат инјекции инсулин.
ШЕЌЕР ВО УРИНАТА
Урината се создава во бубрезите со филтрација на крвта. Без доволно инсулин, количината на шеќер во крвотокот расте до високо ниво. Кога тоа ќе се случи, дел од шеќерот оди низ бубрезите во урината. Шеќерот кој оди во урината со себе носи многу вода. Тоа ве прави многу жедни., па пиете многу течности и често мокрите.
ХИПОГЛИКЕМИЈА
Хипогликемијата буквално значи “низок шеќер во крвта“. Хипогликемијата настапува кога шеќерот во крвта ќе падне под 3 mmol/l.
СИМПТОМИ НА ХИПОГЛИКЕМИЈА
Ако искусите хипогликемија, веројатно ќе имате некои од овие симптоми: чувство на слабост, поспаност, збунетост, потење, треска, глад, вознемиреност, иритираност и вртоглавица. Може да се јави губење на концентрацијата и бледило. Кај тешките случаеви, лицето може да изгуби свест, па дури и да падне во кома. Можеби нема да ги доживеете сите овие симптоми, оти секој се чувствува различно при недостаток на шеќер во крвта. Важно е да ги научите личните знаци за предупредување и да знаете што да преземете. Важен аспект на хипогликемијата е да бидете свесни дека, ако имате чести повторувања, може да станете помалку чувствителни на симптомите. Зошто доаѓа до ова, се уште не е јасно, но таа појава може вас или некој друг, да доведе во опасност.
КОГА ПОСТОИ ОПАСНОСТ ОД ХИПОГЛИКЕМИЈА?
Хипогликемијата е опасна за дијабетичарите тип 2 во случај тие својата состојба ја лекуваат со одредени таблети или инсулин. Дури и тогаш, хипогликемијата може да се избегне со преминување на поинаков начин на исхрана. Постојат нови лекови кои овозможуваат да го прилагодите вашето лекување на животниот стил и навики на јадење, а не обратно. Тие ќе ја подобрат контролата на шеќерот во крвта и ќе ви го олеснат животот. Овие лекови имаат кратко дејство и дејствуваат само за време на оброците и веднаш по оброците. Помала е можноста да предизвикаат хипогликемија, бидејќи во периодот помеѓу оброците, лекот не е активен.
Се разбира, во случај на некои форми на лекување може да почувствувате симптоми на низок шеќер во крвта ако прескокнете или одложите оброк, или едноставно не јадете доволно. Прекумерното вежбање или земањето големи количини лекови за дијабетес исто така ве изложува на ризик, како и консумирањето поголеми количини алкохол. Покрај тоа и лековите што се користат за лекување на други болести може да го зголемат ризикот од хипогликемија поради нивниот ефект врз нивото на шеќер во крвта. Кажете му на вашиот лекар или фармацевт дека земате лекови за лекување на дијабетес (антидијабетици) кога ви препишуваат други лекови.
КАКО ДА СИ ПОМОГНЕТЕ?
Ако почувствувате дека ви паднал шеќерот, треба веднаш да изедете или да испиете нешто што содржи шеќер. Вашиот лекар може да препорача да земете 10-20 грама шеќер со брзо дејство. Тоа би било отприлика четири до шест коцки шеќер или 200 мл сок од портокал. Ако ви остане повеќе од еден час до следниот оброк, треба да јадете и сендвич или бисквит. Ако не се чувствувате подобро во следните 15-30 минути, проверете го шеќерот во крвта. Ако и натаму е низок, земете повеќе шеќер со брзо дејство, така да шеќерот во крвта не ви падне толку ниско, да повеќе не можете да си помогнете.
Шеќерот во крвта може толку да ви се спушти, што нема да бидете во можност дами да си помогнете. Затоа е важно да ги научите вашите блиски што да направат во таквите моменти.
ДАЛИ ХИПОГЛИКЕМИЈАТА Е ОПАСНА?
Ако ги препознаете симптомите на хипогликемија, можете да неа се справите така што едноставно ќе внесете шеќер. Ако мислите дека шеќерот во крвта ви е низок, не треба да возите автомобил. Избегнете каква било можност за губење на свеста зад воланот и можност за повреда на други учесници во сообраќајот. Избегнувањето на хипогликемијата е во интерес на сите.
ХИПЕРГЛИКЕМИЈА
Хипергликемија се јавува кога нивото на шеќер во крвта е повисоко од нормалното. Може да се појави по обилен оброк или во период на болеста. Хипергликемијата обично не е опасна ако периодот на покачен шеќер во крвта е краток. Во спротивно, подолгите периоди на покачен шеќер во крвта можат да доведат до сериозни дијабетски компликации. Речиси секогаш можете сами да го намалите шеќерот во крвта.
СИМПТОМИ НА ХИПЕРГЛИКЕМИЈА
Високиот шеќер во крвта ве ожеднува и почесто уринирате. Може да се чувствувате погладни од вообичаеното. Почесто ќе се чувствувате уморни и поспани. Можеби да ви се појави заматен вид и грчеви во нозете. Симптомите се слични на симптомите на дијабетес. Мерете го шеќерот во крвта. Ако шеќерот во крвта е често превисок, можеби ќе сакате да разговарате со вашиот лекар за промена на начинот на лекување.
КАКО ДОАЃА ДО ХИПЕРГЛИКЕМИЈА?
Шеќерот во крвта се зголемува ако не ги следите упатствата за лекување или ако оброците ви се преобилни, особено ако храната е богата со јаглехидрати. Исто така, шеќерот во крвта може да се зголеми ако сте болни и имате висока телесна температура, ако вежбате помалку од вообичаено или ако сте изложени на физички или психички стрес. Шеќерот во крвта се зголемува непосредно пред менструалниот циклус. Придржувањето до редовниот дневен распоред помага во одржување на нивото на шеќер во крвта. Некои видови на лекување овозможуваат поголема флексибилност во секојдневниот живот.