Специфичните (едноставни, изолирани) фобии се карактеризираат со упадлив и траен страв од јасно видливи, ограничени објекти или ситуации, изложување кое речиси секогаш предизвикува моментален анксиозен одговор. Лицето доживува значаен, траен и изразен или неоправдан страв кога е присутен или кога се очекува специфичен објект или ситуација.
Според денешните сознанија, се работи за интеракција помеѓу биолошките и генетските фактори, како и факторите од околината.
Постојат голем број на фобии, а се нарекуваат според околностите во кои се јавуваат, според предметите и животните кои предизвикуваат страв:
- Арахнофобија – страв од пајак
- Акрофобија – страв од височина
- Акустофобија – страв од звуци
- Аерофобија – страв од летање, воздух
- Амаксофобија – страв од превозни средства
- Бацилофобија – страв од причинители на заразни болести
- Дендрофобија – страв од дрва
- Дромофобија – страв од преминување улица
- Хидрофобија – страв од вода
- Клаустрофобија – страв од затворен простор
- Хронофобија – страв од време
- Ксенофобија – страв од непознати
- Офидиофобија – страв од змии
- Зоофобија – страв од животни
Анксиозноста речиси секогаш се чувствува при средба со фобични надразби, а нивото варира во зависност од степенот или близината на фобичната надразба, како и степенот на бегство од таа надразба. На пример, лице кое има страв од животни и инсекти, во директен контакт со нив доживуваат многу интензивен страв, па се до паника, често одвратност или гадење и поради тоа развиваат однесување на претпазливост и избегнување, кое доминира кај клиничката слика.
Кај стравот од болести (срцеви, полови, неоплазма, сида и др.) лицата стравуваат од можноста за заболат (за разлика од хипохондерот кој е уверен дека боледува од одредена болест и заради тоа постојано се прегледува). Овие лица избегнуваат било каква средба со лекар, болница и испитувања кои би можеле да потврдат постоење на болест.