Зошто сум толку уморен/а?

И ова утро се разбудивте и имате чувство како воопшто да не сте спиеле? Или пак денес цврсто сте одлучиле дека по работното време, ќе ги завршите сите домашни обврски, ќе се занимавате со спорт или некое друго хоби, но кога ќе стигнете дома, едноставно немате сила за ништо, освен да легнете на кревет и да заспиете?

Се прашувате зошто вам тоа ви се случува? Дали е можно едноставно да не спиете доволно или пак се работи за некоја друга, сериозна причина? Секако, самиот недостаток на сон може да биде голем здравствен проблем, но кога спиете доволно, а се уште се чувствувате исцрпено, без сила и било каква волја, време да се прашате која би можело да е причината за тоа?

Можеби сте исцрпени оти премногу работите, но во денешно време една од најчестите причини за претерана исцрпеност е лошата исхрана, недоволната физичка активност и општо прекумерната телесна тежина.   

За да си помогнете сами себе и повторно да ја превземете контролата над вашиот живот, а животот да ви зависи од вашиот замор, потребно е да се утврдат можните причини за замор и како да ги спречите.

НАЈЧЕСТИ ПРИЧИНИ

АНЕМИЈА ИЛИ СЛАБОКРВНОСТ – оваа е една од најчестите причини за замор, а единствен начин да откриете дали страдате од анемија е да вашиот лекар ве упати на анализа на крвта. Недостатокот на железо во крвта е многу чест кај жените, особено кај оние кои имаат обилни менструации. За да спречите појава на анемија, клучна е здравата исхрана, со намирници богати со железо (црвено месо, спанаќ), а ако се утврди ниско ниво на железо во крвта, потребно е да се внесува железо преку додатоци на исхрана.

НЕДОСТАТОК НА КЛУЧНИ МАТЕРИИ во организмот како што е калиум. Недостатокот исто така сее проверува преку крв.

ПРОБЛЕМИ СО ТИРОИДЕАТА – премногу или премалку лачење на хормони на штитната жлезда може да предизвика замор. За да се утврдат можните неправилности во работата на тироидеата, потребни се крвни анализи и рендген, по што се препишува соодветна терапија.

ШЕЌЕРНА БОЛЕСТ – лицата кои не знаат дека имаат шеќерна болест или кои знаат, но не ја држат под контрола, многу често чувствуваат исцрпеност и замор.

Доколку постојано се чувствувате уморно, имате замаглен вид, и често мора да мокрите, тоа може да биде еден од знаците за дијабетес. Дијабетесот се утврдува со контрола на крвта.

ДЕПРЕСИЈА – чувство на исцрпеност кое е проследено со чувство на жал, губење на апетит и неможност да чувствувате било какво задоволство во работите во кои до неодамна сте уживале, постои можност да имате проблеми со депресија.

АПНЕА И НАРУШЕНО СПИЕЊЕ – ако спиете помеѓу седум и девет часа и Се уште се будите поспани, постои можност да имате проблеми со апнеа, односно да за време на спиењето престанувате да дишите во интервали од 10 до 30 секунди, по што почнувате грчевито да фаќате воздух. Ова може да се повтори многу често во текот на една ноќ, поради што можете да се разбудите наутро ненаспани и со главоболка. Тука секако е и проблемот со о ‘рчење, чести кошмари, тикови итн, што може да биде причина замор.

БОЛЕСТИ НА СРЦЕТО – многу луѓе живеат со одредени срцеви мани и болести, дури и без да знаат дека ги имаат. Заморот е еден од знаците за проблеми со срцето, особено кај жените. Ако имате проблеми со физичката активност кои претходно сте ги правеле со леснотија и ако почнете да се чувствувате лошо кога вежбате, тоа може да биде еден од знаците дека нешто не е во ред со работата на срцето.