Иако цервикалниот карцином, односно ракот на грлото на матката, е од примарен интерес кај жените со перзистентната ХПВ-инфекција, хуман папилома вирусот индуцира карциноми и на вагина, вулва, анус и пенис. Исто така, постојат епидемиолошки докази кои ја поврзуваат ХПВ-инфекцијата со оралниот сквамозно клеточен карцином. Респираторната папиломатоза е предизвикана од ниско ризичните ХПВ-типови.
Ниско ризичните ХПВ генитални инфекции можат да резултираат со аногенитални брадавици (condyloma acuminata), кои изгледаат како повторувачки папули или лезии кои личат на карфиол, или рамни генитални брадавици (condyloma planum). Гениталните брадавици побелуваат при апликацијата на од 3 до 5 проценти оцетна киселина, но овој тест не е специфичен. Иако гениталните брадавици можат да предизвикаат значително емоционално нарушување, најмногу лезии на крајот исчезнуваат и долгорочните последици по здравјето се минимални.
Инфекцијата со високо ризични ХПВ – типови тежнее да трае подолго отколку таа со ниско ризични типови и може да резултира со цервикална дисплазија која води кон карцином на грлото на матката.
Осум високо ризични ХПВ – типови се одговорни за 95 отсто од сите цервикални карциноми, додека два од нив (типови 16 и 18) предизвикуваат околу 70 отсто од карциномите на грлото на матката.
Инфекцијата со повеќе високо ризични типови дејствува синергистички во цервикалната карциногенеза, Степен 1 цервикална интраепителијална неоплазија (ЦИН 1) укажува на активна ХПВ-инфекција и може да се повлече спонтано кај 40 отсто од случаите. ЦИН 2 претставува лезија од висок степен, а ЦИН 3 најмалку се повлекува и прераснува во цервикален карцином. Ниско ризичните ХПВ-типови 6 и 11 предизвикуваат 90-95 отсто од гениталните брадавици. Меѓутоа, коинфекција со повеќе типови е релативно честа, така што присуството на брадавиците не исклучува високо ризични типови. Високо ризични ХПВ-типови се најдени во 31 отсто од гениталните лезии.
ТЕСТИРАЊЕ
ХПВ може да се детектира преку ПЦР тестирање или со ДНА тестирање. Тестирањето за ниско ризични ХПВ-типови кои не предизвикуваат цервикален карцином нема клиничка корист, поради што моментално достапните ДНА-тестови детектираат само високо ризични ХПВ-типови. Таков е Hibrid Capture II High Risk ХПВ-тест кој открива 13 високо ризични типови. Сензитивноста му е приближно 90 отсто и може да се комбинира со цитологијата (ПАП) кај жените на 30 години и постари. Ако двата теста се негативни, можат да се повторат по три години.
РИЗИК ФАКТОРИ
Гениталниот контакт е водечки ризикфактор за добивање ХПВ. Ризикот се зголемува со бројот на сексуални партнери. Други ризик-фактори вклучуваат мултипни партнери, секс во раните години, некористење кондом и сексуално- преносни инфекции. Употребата на кондомот е само 70 отсто ефикасна во превенцијата на ХПВ-преносот поради тоа што постои контакт со гениталната кожа. Пушењето е исто така поврзано со перзистентните ХПВ-инфекции. Жените што пушат повеќе од 20 цигари на ден имаат зголемена шанса за перзистентна ХПВ-инфекција споредено со оние што пушат помалку од 10 цигари на ден. И мажите што пушат имаат зголемена шанса да добијат генитални брадавици споредено со непушачите.