Какви последици остава високиот притисок врз телото

Хипертензијата или високиот крвен притисок се смета за многу тивка состојба која често е присутна и без никакви симптоми, но сепак и без појавата на симптомите таа може да му нанесе штета на телото и да предизвика најразлични здравствени компликации, од кои следниве се најчести:

Оштетување на артериите

Здравите артерии се флексибилни и издржливи, и крвта низ нив си тече непречено без никакви обструкции. Хипертензијата ги зацврстува артериите, ги прави поригидни и помалку еластични.  Ваквите промени се сметаат за оштетување на артериите и прават мастите од храната полесно да се депонираат  во артериите и да го намалат протокот на крв.  Ова понатаму може да го зголеми крвниот притисок, па дури и да доведе до срцев или мозочен удар.

Оштетување на срцето

Хипертензијата го оптоварува срцето.  Зголемениот притисок кој се јавува при испумпувањето на крвта, го принудува срцевиот мускул повеќе да работи, и да употребува повеќе сила отколку што би употребило во нормални услови.

Ова преоптоварување со тек на времето може да доведе до зголемување на срцето, а зголеменото срце го зголемува ризикот за:

  • Откажување на срцето
  • Аритмии
  • Срцев удар

Оштетување на мозокот

На мозокот за да функционира нормално му треба здраво снабдување со крв која е богата со кислород.  Високиот крвен притисок, може да го намали крвоснабдувањето на мозокот со крв на неколку начини:

  • Привремени блокади во протокот на крвта кон мозокот или т.н. транзиторен исхемичен напад
  • Значителни блокади во протокот на крв може да предизвикаат смрт на мозочниет клетки, односно мозочен удар.

Неконтролираниот висок крвен притисок може да влијае и врз меморијата и способноста за учење, зборување и расудување.  Се смета дека конвенционалниот третман на хипертензија не ги отправа овие веќе настанати несакани последици.  Но, сепак го намалува ризикот од идни компликации.