Како изгледа депресивно лице

Кога депресивната епизода се манифестира по прв пат се поставува дијагноза “прва депресивна епизода“. Ако болниот со депресивна епизода има во анамнезата и хипоманична или манична епизода, се зборува за биполарна депресија или биполарно афективно нарушување. Кога кај болниот присутни само депресивни епизоди, тогаш се работи за повратно или повторувачко депресивно нарушување. Ако болеста се манифестира со краткотрајни депресивни епизоди тогаш се работи за повторувачко кратко депресивно нарушување. Кога се работи за перзистирачки (најмалку две години) депресивни симптоми кои не ги исполнуваат критериумите за блага депресивна епизода, тогаш може да се работи за дистимија или цикотимија, ако се присутни и фази на зголемено расположение. Кога кај болниот постои некое друго примарно психијатриско нарушување, соматска болест или злоупотреба на алкохол, дрога или лекови, тогаш се зборува за секундарни депресивни нарушувања.

КЛИНИЧКА СЛИКА НА ДЕПРЕСИЈА

Депресијата е болест која се карактеризира со намалено расположение, недостаток на енергија, интерес или задоволство во секојдневните активности кои претходно претставувале задоволство за една личност. Намалена е и способноста да се почувствува задоволство, интерес и концентрација, а често е изразен и замор, дури и по најмал напор. Вообичаено е нарушено и спиењето и апетитот.

Самопочитта и самодовербата се скоро секогаш намалени, па дури и во поблага форма често се присутни некои идеи за вина и безвредност. Намаленото расположение се менува помалку од ден на ден, околностите не влијаат на тоа, а може да бидат придружени со т.н. соматски симптоми (што е особено често кај постари пациенти и во случаи на маскирана депресија), како што се губење интерес и чувство на задоволство, будење наутро неколку часа пред вообичаеното време, депресијата е потешка наутро, изразена е психомоторна забавеност, немир,  губење на апетит, губење на телесната тежина и губење на либидото.

Депресијата многу често е придружена со анксиозност, зголемено консумирање и злоупотреба на алкохол. Во повеќето случаи, пациентите се значително психомоторно забавени, иако понекогаш можат да бидат вознемирени, што често се забележува кај постари пациенти.

Класичната слика на депресивен пациент е лице кое седи со многу оскудни движења, со наведната глава и поглед насочен кон подот. Симптомите на немир се манифестираат во немирно преместување/потстанување на столица, кршење прсти, а понекогаш и кубење на косата.

Кај пациенти со депресија, понекогаш може да се појави лудило или халуцинации и тогаш тоа се опишува како психотична депресија.

Депресивните пациенти себе си или околината се доживуваат изразено негативно. Во нивните мисли постојано се јавуваат идеи на губиток, вина, страдање, самоубиство и смрт. Повеќето од нив многу малку комуницира со околината, а на прашањето главно одговараат со едносложни зборови или климање на главата, а понекогаш и изостанува одговор. Нивното мислење е забавено. Изразени нарушувања на мислењата може да се јават кај речиси 10% од болните. Кај дел од таквите пациенти се јавува заборавеност, неспособност да се присетат дури и на вообичаени секојдневни активност. Кај депресивното лице се заканува огромна опасност од суицид (самоубиство).

Во зависност од бројот и тежината на симптомите, депресивната епизода може да се означи како блага, средна или тешка.

При блага депресивна епизода, работната способност е зачувана, но извршувањето на работните обврски претставува значаен напор за депресивното лице.

Кај средно тешка депресивна епизода потфрлањето на работно место е забележливо, додека при тешки депресивни епизоди, болниот е работно неспособен. Работната неспособност е поврзана и со намалената животна енергија, брзото заморување, губењето мотивација, проблеми со концентрацијата, слабеење на волјата, губењето на критичноста и способноста за одлучување.