Кој е начинот да имаш здраво ниво на холестерол во крвта?

Холестеролот е леплива супстанца која е природно инкорпорирана во клеточните мембрани, флексибилна структура околу секоја клетка на човечкото тело. Холестеролот придонесува за структурна цврстина на мембраните. Имено, мембраните не се само едноставни заштитни обвивки, тие се динамични и високоинтелигентни структури.

Исто така, холестеролот е есенцијална состојка во витаминот Д и многу други хормони, вклучувајќи го и естрогенот и тестостеронот. Цела храна од животинско потекло (месо, морска храна, млечни производи, јајца) содржи холестерол, бидејќи оваа супстанца е потребна за секоја животинска клетка.

МОЗОК

Иако на мозокот му отпаѓа само 2 отсто од телесната тежина, дури 20 отсто од вкупниот холестерол кој се наоѓа во организмот е сместен во мозокот. Во мозокот, синапсите се местата каде што се одвива комуникација помеѓу мозочните клетки, а токму тие се со мембрани богати со холестерол. Овие мембрани се одговорни за пренос на невротрансмитери како што се серотонин, ГАБА и допамин во сите правци. Мијелин, бела супстанца која цврсто ги опколува мембраните, содржи 75 % холестерол кој се наоѓа во мозокот. Покрај тоа, холестеролот, исто така, помага во насочување на растечките нервни завршетоци до нивните цели.

Со други зборови, ако нивото на холестерол е намалено во мозокот тогаш се доведуваат во прашање сите функции на мозокот, регулирање на однесувањето и расположението, учењето и помнењето.

ИСХРАНА

Ако имате прекумерна телесна тежина или покачено ниво на холестерол, време е да размислите што внесувате во вашиот организам и да научите да препознаете добри и лоши намирници. Храна која треба да ја избегнувате се леб, колачи и тестенини направени од бело брашно, црвено месо (говедско, телешко, јагнешко, свинско месо) и конзервирани месни преработки, внатрешни органи (бубрези, црн дроб, мозок), како и пржена и похована храна подготвена со многу масти. Без оглед на тоа што рибата е здрава, ако ја пржите во масло, тоа нема да ви помогне да го намалите холестеролот. Избегнувајте полномасно млеко, јогурти и сирења со висок процент на млечна маст и повеќе од четири јајца неделно. Крем супите подготвени со полномасно млеко, павлака или масти од животинско потекло, секако, не се пожелни. За жал, време е да заборавите и на сите колачиња со висока содржина на масти и шеќер, крофни, комерцијално произведени бисквити, млечна чоколада и млечен сладолед.

Со промена на животните, особено навиките за јадење, со зголемен внес на влакна преку овошје, зеленчук и житарки со цели зрна, избегнување храна со високо ниво на масти, ќе направите голем чекор кон ваше добро здравје.

Ако имате јајце за појадок, изедете ја само белката. Збогатете го појадокот со житарки со цели зрна и интегрален леб. Пијте само обезмастено млеко (до 1 % млечна маст) и нискокалопен јогурт. Наместо крем супа, јадете бистри пилешки, говедски или зеленчукови супи. Наместо пржење во масло, испечете бело пилешко месо и мисиркино месо без кожа или риба во маслиново масло. Потребата за слатко надополнете ја со темно чоколадо и природен незасладен овошен сок или чаеви. Уживајте во свежо овошје и зеленчук или суво овошје без додаток на шеќер.

СОВЕТИ

Покаченото ниво на „лошиот“ ЛДЛ холестерол во крвта се смета за главен фактор за развој на дебелина, кардиоваскуларни болести и водечка причина за смрт во развиените земји. Зголеменото ниво на холестерол во крвта генерално е поврзано со нездрава исхрана богата со масти и заситени масни киселини. Со регулирање на прекумерната телесна тежина, редовна физичка активност, престанок на пушењето и промена на начинот на исхрана може да го намалите нивото на „лошиот“ холестерол во крвта.