Крвниот притисок се мери со помош на апарат за притисок. Првиот, или горниот број, го мери притисокот во артериите кога вашето срце чука (систолен притисок). Вториот, или долниот број, го мери притисокот во артериите помеѓу отчукувањата (дијастолен притисок).
Измерените вредности на крвниот притисок може да се класифицираат во четири општи категории:
Нормален крвен притисок – Крвниот притисок е нормален ако е под 120/80 mm Hg. Сепак, некои лекари препорачуваат целна вредност од 115/75 mm Hg. Кога крвниот притисок ќе се зголеми над 115/75 mm Hg, ризикот од кардиоваскуларни болести почнува да се зголемува.
Предхипертензија – Кај предхипертензија, систолниот притисок варира помеѓу 120 и 139 mm Hg или дијастолниот притисок варира помеѓу 80 и 89 mm Hg. Предхипертензијата се влошува со текот на времето.
Хипертензија од 1. степен – При хипертензија од прв степен, систолниот притисок е помеѓу 140 и 159 mm Hg, а дијастолниот притисок е помеѓу 90 и 99 mm Hg.
Хипертензија од 2. степен – Хипертензијата од втор степен е многу потешка хипертензија при која систолниот притисок е 160 mm Hg или повеќе или дијастолниот притисок е 100 mm Hg или повеќе.
И двете вредности за крвниот притисок се важни. Но, по 50. година, вредноста на систолниот притисок е уште поважна. Изолираната систолна хипертензија (ISH), кога дијастолниот притисок е нормален, но систолниот притисок е покачен, е најчестиот вид на висок крвен притисок кај луѓе постари од 50 години.
Пред да ви се дијагностицира висок крвен притисок, вашиот лекар веројатно ќе го измери вашиот крвен притисок неколку пати. Причината за ова е што крвниот притисок обично варира во текот на денот, а понекогаш и за време на посетата на лекар. Оваа состојба се нарекува хипертензија на бел мантил. Вашиот лекар може да побара од вас да ги пишувате вредностите на крвниот притисок дома и на работа за да собере дополнителни информации.
Ако имате каква било форма на висок крвен притисок, вашиот лекар ќе препорача рутински испитувања, како што се анализа на урина, крвни испитувања и електрокардиограм – испитување што ја мери електричната активност на срцето. Вашиот лекар може да побара и други тестови, како што е контрола на холестеролот за да провери дали има знаци на срцеви заболувања.
МЕРЕЊЕ НА КРВНИОТ ПРИТИСОК ДОМА
Важен начин на проверка на ефикасноста на терапијата за висок крвен притисок или за дијагностицирање на влошувања на покачениот крвен притисок е да се контролира дома. Лекарот или во најблиската аптека ќе би објаснат како правилно да го мерите крвниот притисок дома.