ДАЛИ МЕНОПАУЗАТА Е НОРМАЛНО СЛУЧУВАЊЕ ИЛИ БОЛЕСТ?
Менопаузата е природно случување во животот на жената. Просечната возраст кога настапува менопаузата не е променета со векови. Значајно е продолжено траењето на човечкиот живот, така што денешната жена поминува една третина од животот во постменопауза.
Во телото на жената во периодот околу менопаузата се случуваат промени кои се последица на намаленото создавање на хормони во јајчниците, пред се на естрогенот. Во просек, веќе по 40. години од животот (а, понекогаш и во доцните 30.) создавањето хормони во јајчниците почнува полека да се намалува, што постапно продолжува до 44-45 година. Од тогаш, па уште околу 5-10 години трае транзитниот период, кој народски се нарекува климактериум. Лекарите вообичаено го користат зборот перименопауза за периодот на промени, пред престанок на самото крварење, вклучувајќи и една година по престанување на месечните крварења.
ШТО Е МЕНОПАУЗА?
Кога создавањето хормони во јајчниците ќе падне под нивото кое предизвикува менструација, таа изостанува. Менопаузата е последното физиолошко крварење од матката која просечно настапува околу 51. година од животот, иако нормалниот распон е многу голем: од 40-58. година. Периодот по менопаузата е постменопауза, а и двете се утврдуваат дополнително, ако крварење не настапило во идната една година, под услов да не сте бремени, да не доите или да не земате лекови кои може да влијаат на менструалниот циклус. Само мал дел од жените имаат уредни циклуси до самиот крај , по кои следи менопаузата.
ПРЕРАНА МЕНОПАУЗА
Кај некои жени, менопаузата може да нсатапи и пред 40. година. Станува збор за прерана менопауза. Причините може да бидат различни: во некои семејства менопаузата се појавува порано, па очигледно станува збор за генетски причини.
Од друга страна, при некои болести, особено при автоимуните, може да бидат оштетени и јајчниците, па тие пациенти може да имаат прерана менопауза. Некои лекови и медицински постапки може да бидат причина за менопауза. Отстранувањето на матката со кое порано вообичено биле отстранувани и јајчниците, исто така доведува до менопауза.
Бидејќи улогата на естрогенот во одржувањето на здравјето на жената денес е подобро позната, јајчниците, при тој оперативен зафат се поштедени. Сепак, бидејќи при оперативно отстранување на матката, не е можно да се избегне микро-оштетување на ситните крвни садови кои ги снабдуваат со крв јајчниците, менопаузата кај овие жени се јавува нешто порано. Отстранувањето на самите јајници (на пример, поради малигна болест) е уште една причина за менопауза, како и примена на хемотерапија или зрачење во карличната област.
Спортистките, кои поради интензивните тренинзи го губат менструалниот циклус, жените кои дојат и немаат менструација, жените со анорексија нервоза (исто така ја губат менструацијата), се наоѓаат во состојба на привремена менопауза доколку подоцна повторно се воспостават менструални циклуси. Ако оваа состојба трае подолго, може да се појават симптоми и здравствени ризици поради недостаток на естроген.
ДОЦНА МЕНОПАУЗА
За доцна менопауза се смета онаа која настапува по 55. година.
СИМПТОМИ НА МЕНОПАУЗА
- Неправилности на менструалниот циклус
Иако менопаузата за секоја жена е едиинствено искуство, првото искуство кај повеќето жени со климактериум првенствено се чести неправилности во менструалниот цилус, како и топли бранови. А почетокот, циклусите можат да станат пократки, па жената има повеќе циклуси за една година. Подоцна, менструалните циклуси обично стануваат подолги (помалку циклуси во една година), повремено може да изостанат и потоа повторно, на извесно време, да се појават.
Симптомите кои го сочинуваат предменструалниот синдром (ПМС) исто така траат подолго. Крварењето може да биде продолжено или скратено, а количината на менструална крв може да стане поголема или помала. Наведените симптоми поврзани со менструалниот циклус не се карактеристични само за приближувањето на менопаузата и затоа за точен одговор секогаш е потребно да се исклучат болести и состојби кои можат да се манифестираат на овој начин. Ова дефинитивно се препорачува ако циклусот е пократок од 21 ден, ако крварењето трае подолго од седум дена или ако е продолжено за неколку дена подолго од вообичаеното и ако крварењето се појави во средината на циклусот помеѓу две крварења.
Неретко причина за неправилни крварења, кои може да резултираат со анемија, се бенигни тумори на матката, леомиоми или миоми. Меѓу остантите причини за абнормални крварење за време на перименопаузата треба да се спомене бременост, хормонални контрацептиви, воспаление на гениталиите, прекумерно отекување (хиперплазија) на слузницата на матката, полипи на обвивката на матката, карцином на обвивката на матката, дисфункција на тироидната жлезда и друго.
- БРАНОВИ ЖЕШТИНА
Брановите топлина или жештина траат од неколку месеци до неколку години (најчесто 3-5), а може повторно да се појават доколку се прекие лекуваањето. Според едно истражување, помал дел од жените имаат и топли бранови во осмата деценија од животот. Основната причина е „проблем на термостатот“, центарот за регулирање на телесната температура кој се наоѓа во мозокот и кој исто така е чувствителен на намаленото ниво естроген, иако точниот механизам е сè уште непознат.
Вообичаено, брановите жештини се проследени со потење (почесто навечер) и со забрзана работа на срцето, како и чувство на вознемиреност, ретко и чувство на паника. Може да ги отежнуваат работните и вообичаени дневни активности, поради долготрајната ненаспиеност и последичен замор. Се појавуваат поради зголемен проток на крв во површинските (поткожни) крвни садови поради обид на телото да ја намали телесната температура.
- ПСИХОЛОШКИ ПРОМЕНИ
За среќа, сепак не се сите жени подложни на појава на такви симптоми. Некои ги имаат во значајно поблага форма и траат многу пократко. Вкупната промена што одредена жена ќе ја почувствува, сепак не е само резултат на недостаток на хормони и јачината на симптомите. На неа, влијаат и многу други фактори како што се секојдневните стресови вообичаени за жените на таа возраст и можностите (или неможностите) за психолошко прилагодување на нив, различни очекувања, деца, воочливи последици на стареењето. Сето тоа понекогаш може да бидат причина за потиштеност и други промени на расположението, кои како домино се надоврзуваат едни на други.
Жените кои претходно биле склони кон депресивно однесување може за време на перименопаузалните промени да заболат од вистинска депресија која се манифестира со хроничен замор, губење интерес за нормални активности и животни активности и потиштеност. Спротивно на тоа, жените кои се поподготвени да започнат да живеат поинаку, ќе го опишат искуството во менопаузата како период во кој постигнале поголемо исполнување во животот, ги подобриле или зајакнале своите односи со луѓе од семејството или бизнисот и други средини.