НЕСОНИЦА

Несоница или инсомнија е нарушување на спиењето кое подразбира да имате проблеми да заспиете или во текот на сонот. Акутната несоница е краткотраен проблем со спиењето. Може да потрае неколку недели, а потоа да исчезне. Хроничната несоница значи дека вашиот проблем со спиењето се повторува повеќе пати неделно и таквиот образец трае неколку месеци.

Многу луѓе имаат несоница. Позагрозени се повозрасните лица, а несоницата повеќе ги погаѓа жените отколку мажите.

СЕРИОЗЕН ПРОБЛЕМ ИЛИ?

Доволната количина сон е исклучително важна за здрав начин на живот. Несоницата може да влијае на вас и психички и физички. Поради недоволно сон може да се чувствувате уморно, депресивно и раздразливо. Таквата состојба може да предизвика проблеми и со концентрацијата или со извршување на задачите во текот на денот. Ако имате несоница, може да се грижите дали ќе можете да заспиете, што дополнително го отежнува заспивањето.

Ако редовно не спиете доволно, се зголемува ризикот од некои болести. Најчести од нив се висок крвен притисок, болести на срцето и дијабетес.

КОЛКУ СОН ВИ Е ПОТРЕБНО?

На повеќето возрасни им е потребно помеѓу 7 и 9 часа сон секоја вечер. Главен показател на тоа дека спиете доволно е дека не сте поспани во текот на денот. Количината на сон што ви е потребна останува приближно иста во текот на целата зрела возраст. Меѓутоа, обрасците на спиење може да се менуваат како стареете, а самиот сон станува помалку длабок и мирен. Токму затоа повозрасните можат помалку да спијат навечер и да дремнуваат во текот на денот.

СИМПТОМИ

Некои од најважните симптоми на несоница се:

  • Долго лежите будни во текот на ноќта, иако се обидувате да заспиете
  • Воопшто не можете да заспиете
  • Се будите многу рано
  • Се чувствувате како воопшто да не сте спиени
  • Може да заспиете во текот на денот било каде, дури и при возење

ШТО ПРЕДИЗВИКУВА НЕСОНИЦА?

Примарната несоница е посебно нарушување. Обично трае најмалку еден месец. Постојат повеќе фактори кои предизвикуваат примарна несоница:

  • Промени во животот
  • Голем или долготраен стрес или емоционална вознемиреност
  • Распоред на патувања или работа што ја пореметуваат вашата рутина на спиење
  • Навики кои се создале за да се носите со недостатокот на сон (дремење, грижа за сонот, рано легнување)

Некои случаи на несоница се симптом или несакан ефект од друг проблем. Ова се нарекува секундарна несоница. Многу различни пореметувања може да предизвикаат несоница. Тоа вклучува:

  • емоционални услови: депресија, анксиозност и посттрауматско стресно нарушување
  • невролошки нарушувања: Алцхајмерова или Паркинсонова болест
  • некои болести: артритис и силни главоболки
  • гастроинтестинални нарушувања: жиговина, ГЕРБ (гастроезофагеален рефлукс)
  • нарушувања на спиењето: синдром на немирни нозе или апнеа при спиење
  • нарушувања на дишењето: астма или срцева слабост
  • останати нарушувања: прекумерна активност на тироидна жлезда, мозочен удар или менопауза.

Секундарната несоница може да биде предизвикана и од некои лекови. Тоа вклучува лекови против алергија или настинка, како и одредени лекови за срце и крвен притисок. Покрај тоа, употребата на некои супстанции може да предизвика несоница. Тука спаѓаат кофеин, тутун и алкохол.

Несоницата понекогаш може да се појави како нарушување во целото семејство.