НОЌНО ПОТЕЊЕ

Многу луѓе се будат среде ноќ, препотени и збунети зошто дошло до препотување. Понекогаш, кога ја знаете причина како лош сон или кошмар е во ред, но ако тоа се случува без причина, скриени фактори може да има многу, а некои од нив се и здравствени состојби кои бараат соодветно лекување.

Навечер, температурата на телото и организмот се менува, а ја регулира автономниот нервен систем. Се смета дека околу четири часот наутро, температурата кај некои лица се намалува, а потоа нагло се зголемува – што може да биде причина и за ноќното потење.

Потењето за време на спиење е нормална појава и кога просторот во кој спиеме е исклучително загреан или ако повеќе се покриеме. Причина може да бидат и пижамите од материјал “кој не дише“, како полиестер.

Препотувањето може да се појави и поради ноќни кошмари кои поттикнуваат напади на паника во сон, а доколку кошмарите се повторуваат од ноќ во ноќ, постои можност да се поттикнати од негативни и многу стресни случувања, како и можност да станува збор за посттрауматско стресно пореметување. Важно е во тој случај да се побара стручна помош.

Ноќното потење може да биде предизвикано и од хормонални промени, особено кај жените во менопауза.

ЗДРАВСТВЕНИ ТЕГОБИ КОИ МОЖЕ ДА ПРЕДИЗВИКААТ ПРЕПОТУВАЊЕ СЕ:

ИНФЕКЦИИ –најчеста инфекција чиј симптом е препотување во текот на ноќта е туберкулозата – бактериска инфекција која ги зафаќа белите дробови, а чии симптоми освен ноќното препотување се и замор, губење на килограми и искашлување крв.

ЛЕКОВИ – најчести лекови кои предизвикуваат ноќно потење се антидепресивите, но се покажало и дека лековите за регулирање на хормоните може да дадат ваква несакана појава.

ШТИТНА ЖЛЕЗДА – нарушената функција и работење на оваа жлезда, проследено со замор и намалување на телесната тежина, влијае на засилено потење.

ИДИОПАТСКА ХИПЕРХИДРОЗА – односно пореметување кај кое потењето се јавува само по себе, односно не е симптом за некоја инфекција, невролошка или васкуларна болест, а предизвикува неконтролирано и засилено потење во текот на денот и ноќта кое може да се манифестира на еден дел од телото, како пазувите или на целото тело.

ХИПОГЛИКЕМИЈА – еден од симптомите на хипогликемија, односно ниско ниво на шеќер во крвта е токму потењето, а со тој симптом се јавува и вртоглавица, збунетост и тресење.

ХОЧКИН ЛИМФОМ – односно рак на лимфното ткиво, чии симптоми освен ноќното препотување и губење на килограми, се замор и безболни отоци на деловите на вратот, пазувите и препоните, а може да се појави и кашлање и задишаност.