ОТОК НА ЛИМФНИ ЈАЗЛИ КАЈ ДЕЦА

Лимфните јазли претставуваат клетки и хемиски супстанци кои заедно учествуваат во одбранбената (имунолошка) реакција на организмот. Секоја група лимфни јазли има свое “задолжение“ да ја собира лимфата (течност што се “цеди“ од ткивото) од одреден дел на телото. Лимфните жлезди на вратот го покриваат горниот дел од желудникот, хранопроводот, грлото, носот, меките ткива и кожата на лицето.

ПОЈАВА

Лимфните јазли отекуваат кога детето има некоја инфекција (најлесто на грлото), а кога таа ќе помине, доаѓа до намалување на вратните јазли. Голем број вирусни инфекции на грлото кај децата поминуваат без зголемена телесна температура и без поголеми тегоби, така што единствена манифестација на болеста може да бидат малку зголемени лимфни јазли.

БОЛЕСТ ИЛИ ДРУГО?

Отечените лимфни јазли не се секогаш знак на болест. Кај децата лимфните јазли на вратот често може да се напипаат, а некогаш и да се “појават“, па за неколку дена да се повлечат. Некои од нив може да се видат, додека дел се подлабоко во кожата, не се гледаат, но може да се напипаат.

Лимфните жлезди на вратот се безболни и меки и бегаат под прсти, па детето не реагира кога се прегледува. Тие мали  – до 1 сантиметар пречник, а кожата над нив има нормална боја (нема црвенило). Лимфните јазли поголеми од еден сантиметар се сметаат за зголемени, што секако не значи дека детето е сериозно болно.

ПРИ КОИ БОЛЕСТИ ОТЕКУВААТ ЛИМФНИТЕ ЈАЗЛИ?

Според педијатрите, најчеста причина за зголемување на лимфните жлезди на вратот се вирусни инфекции на горните дишни патишта. Кај поголем процент деца станува збор за минливи и незагрижувачки вируси кои брзо доаѓаат и заминуваат и не предизвикуваат проблеми кај децата. Тогаш, лимфните јазли се лесно зголемени, подвижни се (бегаат под прсти), меки се и безболни и нема црвенило на кожата над нив.

Бактериските инфекции исто така може да бидат причина за зголемување на лимфните јазли на вратот кај децата Стрептококите се убедливо први на листата и тие лесно од грлото преку лимфните садови се населуваат во јазлите во вратот. И други бактерии може да бидат причина за отоци на лимфните жлезди на вратот, но се многу поретко присутни од стрептококите. Брисот на грло е едноставн начин на проверка.

Постојат болести при кои имуниот систем, делови од телото ги гледа како неповикани гости, па ги напаѓа мислејќи дека ни помага, а всушност разорува. Тоа се автоимуните заболувања кои исто така може да бидат причина за зголемување на лимфните јазли на вратот. Тие е многу поретки од инфекциите и се проследени со други бројни тегоби.

Понекогаш лимфните јазли може да се зголемат и по вакцинација на детето. Станува збор за минлив проблем, кои вообичаено се јавува 7 до 14 дена по вакцинација.