ШТО Е ПАНИЧЕН НАПАД?
Пред да се зборува за панично пореметување/нарушување потребно е да се разгранично паничното пореметување како посебна дијагностичка категорија од паничните напади.
Според важечката класификација, најзначајна карактеристика на паничното пореметување е присутноста на повторувачки неочекувани панични напади кои се јавуваат најмалку еднаш месечно, загриженост околу можните последици од паничните напади или значајно променето однесување поврзано со напади.
Паничните напади не се последица на непосредни физиолошки ефекти од земање психоактивни состојки или општата здравствена состојба, а не можат подобро да се објаснат во склоп на некое друго душевно нарушување. Зависно од тоа дали се задоволени критериумите за агорафобија, според психијатриската класификација, се поставува дијагноза на панично пореметување со или без агорафобија. Паничните напади не се појавуваат само во состав на паничното нарушување и се јавуваат во контекст на некои други психијатриски нарушувања, а како најважна карактеристика имаат краткотраен период на интензивен страв или нелагодност која е придружена со најмалку 4 од 13 телесни или когнитивни симптоми.
Нападот почнува одеднаш и се развива брзо до пикот (обично за 10 минути или помалку), и често е проследен со чувство на блиска или настапувачка пропаст и чувство на потреба за итно бегство.
Физички и когнитивни знаци на паничен напад се:
- Срцебиење
- Потење
- Тресење
- Чувство на немање воздух
- Чусвтво на гушење
- Болка или нелагодност во градниот кош
- Мачнина ил желудочни тегоби
- Вртоглавица или ошаметеност
- Дереализација или деперсонализација
- Страв од губење контрола или страв дека ќе се полуди
- Страв од смрт
- Трнење или наплив на чувство на топлина или студенило
Во разликување на паничниот напад од други нарушувања, важно е да се земе предвид контекстот во кој се појавуваат паничните напади. Така, постојат три карактеристични типа на панични напади со различни односи помеѓу почетокот на нападот и присутност или отсутност на ситуациски тригери:
- Неочекувани (без повод) панични напади, кај кои почетокот на нападот не е проследен со тригер ситуација
- Ситуациски ограничен (со повод) паничен напад, при што нападот речиси без варијации, се појавува непосредно по изложување на одредена ситуација или тригер (пр. лицето ќе види змија и тоа секогаш е тригер на моментален паничен напад)
- Стуациски предиспониран паничен напад, кој почесто се јавува откако лицето ќе се изложи на одредена ситуација или тригер, но не е непромелнило врзано за ситуацијата и не се јавува задолжително по изложување на ситуацијата.
За да се дијагностицира панично пореметување, паничните напади, барем на почетокот на развојот на пореметувањето, мора да се јават неочекувано.
Речиси сите истражувања покажуваат дека агорафобијата речиси секогаш се развива како компликација кај заболените од панично нарушување.