Нема човек кој барем еднаш во животот не ја почувствувал онаа непријатна болка во стомакот. Понекогаш тоа е само безопасна болка која ни кажува дека нешто што сме изеле не ни одговарало, а понекогаш тоа е предупредување дека постои посериозен здравствен проблем.
Општото име за болка или непријатност во горниот дел на стомакот, кое е постојано или епизодно, се нарекува диспепсија. Колку е зачестена оваа болест, покажува податокот дека околу 40 проценти од луѓето во светот – најактивната работна популација (луѓе помеѓу 20 и 40 години) имаат симптоми на диспепсија. По главоболката, ова е втора најчеста болест.
ПРИЧИНИ
Тие можат да бидат двојни:
- функционални
- органски
Органските причини всушност покажуваат дека зад диспепсијата се крие многу посериозно заболување, како што се: чир, гастроезофагеален рефлукс, рак на желудник или панкреас.
Кај функционална диспепсија, причината е непозната, а повеќето пациенти, околу 60 проценти, всушност ја имаат оваа форма.
Освен болка во стомакот, диспепсијата најчесто е придружена со други симптоми, како што се: надуеност во стомакот, рана ситост, жиговина, гадење и повраќање. Само 25 проценти од пациентите со вакви симптоми консултираат општ лекар, а околу 50 проценти од пациентите земаат лекови самоиницијативно, со или без консултација со фармацевт. Пациент кој чувствува симптоми на диспепсија треба да се консултира со општ лекар, кој, доколку е потребно, ќе го упати на гастроентеролог.
Алармантни симптоми, односно оние симптоми кои речиси сигурно укажуваат на органско заболување се: анемија, ненадејно слабеење, постојано повраќање, дисфагија (отежнато голтање) и опиплива маса во стомакот. Ако нема такви симптоми, диспепсијата се лекува од општ лекар. Ова се однесува на пациенти помлади од 55 години, додека постарите пациенти со новонастанати симптоми на диспепсија треба веднаш да контактираат гастроентеролог.
ЛЕКУВАЊЕ
Како основна стратегија во третманот на диспепсија (без алармантни симптоми), пред сè се подразбира промена на животните навики, но и промена на хигиенски – диетален режим, давање антациди.
Кога се зборува за исхрана, не постои јасен доказ за поврзаноста помеѓу исхраната и диспепсијата, но секако постојат правила што ќе ги намалат непријатностите.
Се препорачува пациентите да избегнуваат пушење, внесување на големи количини на алкохол, кафе и мрсна храна. Се предлага пациентите да јадат варена храна, овошје и зеленчук и оброците да бидат редовни, а помали и почести.
Вториот чекор во третманот се лекови.
Со диспепсија, треба да се биде многу претпазлив – ако е од функционално потекло, може да се ублажи со соодветен начин на живот и со употреба на медикаменти, но ако причината е органска, на што укажуваат аларамантните симптоми, потребно е да се побара помош од лекар специјалист.