СТЕРИЛИТЕТ

Во процесот на лекување на неплодноста, брачниот пар треба тесно да соработува со својот лекар, кој ќе им предложи план на испитувања, при тоа водејќи сметка дефинитивните резултати да пристигнат во што е можно пократко време.

Постојат неколку стандардни тестови кои ги предлага Светската здравствена организација:

  • Контрола на вагинален и цервикален брис
  • Тестови на уреаплазма, мукоплазма и кламидија
  • Анализа на спермата на партнерот
  • Тестови на овулација
  • Хистеросалпингографија (рендгенско сним  ање на внатрешноста на матката и јајцеводите)
  • Хормонски профил на менструалниот циклус
  • Посткоитален тест (PCT)
  • Лапароскопија и хистероскопија (преглед со оптички инструмент во стомачната шуплина или внатрешноста на матката за да под контрола на око се стекне увид во состојбата на јајцеводите, јајчниците, матката, малата карлица).

Раководејќи се од правилото дека во дијагностиката се оди од едноставни кон комплицирани, од неизнвазивни кон инвазивни дијагностички постапки, првиот преглед кој се предлага секогаш е микроскопска, а по потреба и биохемиска анализа на ејакултатот на партнерот.

АНАЛИЗА НА СПЕРМАТА

И покрај фактот дека јајце клетката може да биде оплодена само со еден сперматозоид, сепак потребен е голем број на сперматозоиди во ејакулатот за таа цел да се постигне. Од вкупниот број на витални и морфолошки исправни сперматозоиди кои за време на ејакулацијата ќе се најдат во ејакулатот, само 1% ќе успеат да го поминат каналот на грлото на матката, а многу помалку ќе успеат до јајцеводите.

Во анализата на ејакулатот, посебно внимание се обрнува на:

  • количината на ејакулат
  • бројот на сперматозоиди во 1мл ејакулат
  • процентот на прогресивно подвижни сперматозоиди
  • процентот на морфолошки нормални облици на сперматозоидите

Критериумот на фертилна сперма е следниот:

  1. 2,5-5 мл ејакулат
  2. 20-60 милиони сперматозоиди во 1мл ејакулат
  3. 50% и повеќе прогресвни подвижни сперматозоиди
  4. 60% и повеќе морфолошки исправни облици на сперматозоидите

Доколку наодот од прегледот на ејакулатот е означен како NORMOZOOSPERMIA, тој маж може да се исклучи како можен причинител за брачната неплодност и фокусот понатаму се насочува кон жената.

Во дефиниција на “абнормалности“ на наодот од спермата се зборува, доколку резултатите отстапуваат од претходно наведените критериуми, па може да станува збор за следниве состојби:

  • Хипоспермија – кога вкупната количина на ејакулат е помала од 1,5мл
  • Хиперспермија – кога вкупната количина на ејакулат е поголема од 5,5мл.
  • Олигозооспермија – кога бројот на сперматозоиди е помал од 20 милиони во 1мл ејакулат
  • Астенозооспермија – кога бројот на прогресвно подвижни сперматозоиди е помал од 40%
  • Тератозооспермија – кога постои вкупно повеќе од 40% морфолошки абнормални сперматозоиди во ејакулатот
  • Некрозооспермија – кога сперматозоидите во ејакулатот се неподвижни (мртви)
  • Азооспермија или Аспермија – отсуство на сперматозоиди во ејакулатот
  • Поспермија – доколку се најде голем број на леукоцити во ејакулатот.