Голем број ризик фактори може да ја зголемат веројатноста од развој на остеопороза, како возраста, расата, начинот на живот, медицинските состојби, лекови и друго.
НЕПРОМЕНЛИВИ РИЗИК ФАКТОРИ
Некои од ризик факторите за остеопороза се надвор од ваша контрола:
- Пол – жените имаат поголем ризик од развој на остеопороза
- Возраст – колку сте постари, толку имате поголем ризик од остеопороза
- Раса – лицата со азиско потекло изложени се на поголем ризик од остеопороза
- Семејна историја на остеопороза – доколку имате родители или роднини со остеопороза, изложен сте на поголем ризик
- Телесна маса – лицата кои имаат помала телесна маса, изложени се на поголем ризик од оваа болест.
НИВО НА ХОРМОНИ
Остеопорозата е почеста кај лица кои имаат премногу или премалку одредени хормони во телото. Примерите вклучуваат:
- Полови хормони – Намалувањето на нивото на естроген во менопаузата е еден од најсилните ризик фактори за развој на остеопороза кај жените. Одредени терапии за лекување на рак исто така може да предизвикаат опаѓање на нивото на естроген кај жените. Стареењето и некои терапии за рак на простата можат да го намалат нивото на тестостерон кај мажите. Намаленото ниво на полови хормони предизвикува слабеење на коските.
- Проблеми со тироидната жлезда – Зголемените нивоа на тироидните хормони можат да предизвикаат губење на коскената маса.
- Други жлезди – Остеопорозата е исто така се поврзува со премногу активна паратироидна и надбубрежна жлезда.
ПРЕХРАНБЕНИ РИЗИК ФАКТОРИ
Остеопорозата е почеста кај лица кои имаат:
- Недостаток на калциум – Недостаток на калциум игра важна улога во развојот на остеопороза, имено недоволниот внес на калциум придонесува за намалување на коскената маса и го зголемува ризикот од фрактури на коските.
- Нарушување во исхраната – Лицата со анорексија, имаат поголем ризик од развој на остеопороза.
ЛЕКОВИ
Долготрајната употреба на кортикостероидни лекови, може да го попречи процесот на регенерација на коските.
НАЧИН НА ЖИВОТ
Некои лоши животни навики можат да го зголемат ризикот од развој на остеопороза:
- Недоволна и несоодветна физичка активност
- Прекумерно консумирање на алкохол и кафе
- Пушење
Како се дијагностицира ОСТЕОПОРОЗА
Бидејќи остеопорозата е болест која се развива низ годините, пред појава на првите знаци на болеста, многу е важно да разговарате со лекар на време. Вашиот лекар ќе ве упати на потребните прегледи ако имате историја на ризик фактори. За жените е многу важно да имаат таков разговор во раниот период на постменопауза.
Сигурен метод за откривање на остеопороза е дензитометрија, односно мерење на минералната густина во коските. Промените во ‘рбетот се откриваат порано отколку во колковите, но кај постарите лица, колкот е подобар показател бидејќи спондилозата може да ја прикрие остеопорозата.
Дензитометрискиот скрининг се препорачува за жени над 65 години, како и за жени со ризик фактори за остеопороза, кои се на возраст меѓу 50 и 65 години.