Сигурно некогаш ви се случило да во текот на одреден период од годината, најчесто во пролет, се чувствувате уморно и исцрпено. Никако не можете доволно да се наспиете, се будите уморни, не можете нормално да ги извршувате дневните обврски поради исцрпеност. Едноставно – чувствувате хроничен замор. Дали ви е ова познато? Ако да, тогаш сигурно знаете и дека пролетниот замор е нормална појава која доаѓа и поминува и вие повторно сте одморни и полетни.
Но, што значи кога пролетта е одамна зад вас, а вие од ден во ден се чувствувате исцрпено и не помните кога последен пат сте биле одморни?
Еден од одговорите може да биде синдром на хроничен замор. Ова пореметување уште се нарекува и бенигнен миалгичен енцефаломиелитис и се одликува со апатија, летаргија, болки во мускулите, како и недостаток на енергија.
Хроничниот замор и исцрпеност може да изгледаат како нешто нормално и нешто на кое сте навикнале, но тоа е сериозен проблем кој не треба да се игнорира.
Се уште не се знае што точно го предизвикува ова пореметување, но постојат одредени претпоставки за причините.
ПРИЧИНИ ЗА ХРОНИЧЕН ЗАМОР
Научниците сметаат дека потенцијални причини за синдром на хроничен замор можат да бидат следниве:
- вирусни инфекции,
- ослабен имун систем,
- стрес и
- хормонален дисбаланс.
Исто така се смета дека некои луѓе можат да бидат генетски предиспонирани за развој на ова нарушување.
Што се однесува до вирусните инфекции, не постои специфичен вид инфекција за која се смета дека предизвикува хроничен замор, но истражувањата покажаа дека следниве инфекции можат да ја предизвикаат оваа состојба:
- рубеола,
- Епштајн-Баров вирус,
- Рос-Риверов вирус и
- хуман херпес вирус 6.
Покрај вирусните, се смета дека и одредени бактерии и бактериски инфекции можат да предизвикаат хроничен замор и исцрпеност.
РИЗИЧНИ ГРУПИ
Овој вид нарушување најчесто се јавува кај лица на возраст од 40 до 50 години, и многу ретко, речиси никогаш, кај помлади луѓе.
Полот на лицето е уште еден фактор што влијае на појавата на синдромот на хроничен замор, така што ова нарушување се јавува четири пати повеќе кај жените.
Останати фактори кои можат да го зголемат ризикот од развој на синдром на хроничен замор се следниве:
- генетска предиспозиција,
- алергии,
- стрес и
- фактори на животната средина.
СИМПТОМИ
Симптомите варираат од лице до лице и зависат од тоа колку е сериозно нарушувањето. Најчест симптом е заморот кој навистина се разликува од обичниот замор и со самото тоа го отежнува извршувањето на нормалните дневни активности.
За да се постави дијагноза на синдром на хроничен замор, интензивниот замор што не поминува ниту по одморање и спиење, мора да трае најмалку шест месеци. Интензивниот замор може да се јави и по обични физички, но и ментални активности и може да трае до 24 часа.
Ова се уште некои симптоми:
- замор дури и по целовечерен сон
- малаксаност
- хронична несоница,
- други нарушувања на спиењето,
- губење на помнењето
- намалена концентрација
- несвестица, зашеметеност и вртоглавица
- болка во мускулите и зглобовите
- чести главоболки и
- отечени лимфни јазли на вратот и пазувите
Некои луѓе симптомите ги чувствуваат циклично, со периоди кога се чувствуваат лошо, па добро. Симптомите може да исчезнат целосно, но често и се враќаат.
ДИЈАГНОЗА
Многу е тешко да се постави дијагноза на синдром на хроничен замор токму затоа што не се знае доволно за ова нарушување, ниту постојат одредени тестови со кои се доаѓа до дијагноза.
Симптомите на ова нарушување се многу слични на многу други нарушувања и болести, па затоа е најбезбедно прво да се направат тестови за други болести и да се исклучи нивното присуство.