Што е хуман папилома вирус?

Хуман папилома вирусот – ХПВ ја предизвикува најчестата полово пренослива инфекција во светот и е одговорен за речиси сите случаи на карцином на грлото на матката. Гениталната инфекција со хуман папилома вирус може да се подели во инфекција со низок ризик (предизвикува генитални брадавици) и инфекција со висок ризик (предизвикува цервикална интраепителна неоплазија и цервикални и други карциноми). Иако најголемиот број инфекции со хуман папилома вирус се решаваат спонтано во рок од две години, некои, со висок ризик, опстојуваат и се сметаат за прекурсор на карциномот.

Се проценува дека 80-100% девојки на возраст од 18 до 25 години доаѓаат во контакт со овој вирус при полов однос, додека 30 отсто девојки развиваат симптоми на инфекција. Причина за ова е спонтаното самоизлекување, процес кој многу зависи од состојбата на имунолошкиот систем на инфицираната личност.

РИЗИЧНИ ВИДОВИ

Идентификувани се околу 130 вида хуман папилома вируси. Тоа е група на ДНА-вируси кои инфицираат човечки епителијални клетки. Околу 40 од нив предизвикуваат генитална болест, а 15 вида се со висок ризик кои можат да предизвикаат интраепителни лезии и цервикални и други карциноми. Иако карциномот на грлото на матката повеќе не е чест во развиениот свет поради широко распространетиот скрининг, тој, сепак, останува да биде третиот најчест карцином кај жените во светот.

ХПВ-инфекцијата е најчеста полово пренослива инфекција кај жените и околу 80 отсто од сексуално активни жени се заразуваат со ХПВ во текот на животот. Но инфекцијата обично е минлива и без симптоми. Преваленцата на гениталните брадавици, највидливата манифестација на ХПВ инфекцијата, се јавува кај само еден отсто од сексуално активни жени. Пациентите кои имаат клинички симптоми претставуваат само мал дел од популацијата со латентната инфекција. Хроничната ХПВ-инфекција го зголемува ризикот за настанување на ракот на грлото на матката за 65, а кај онкогените високоризични типови и за 130 пати.

Повеќето жени со позитивен ХПВ тест сепак нема да добијат генитални брадавици или цервикална дисплазија, иако кај други жени ХПВ-инфекцијата се поврзува со настанувањето на ракот на грлото на матката. Слабеењето на имунолошкиот систем поради хроничен емоционален или друг стрес, лоша исхрана, земање алкохол и пушење, може да бидат причина за промена во имунолошкиот одговор, кои може да ја започнат активноста на вирусот.

ПРЕНЕСУВАЊЕ НА ВИРУСОТ

ХПВ се пренесува преку контакт со инфицираната генитална кожа или лигавица. Гениталните брадавици се високо инфективни поради нивното високо вирусно внесување, односно до 65 отсто од сексуалните контакти развиваат инфекција. Вообичаениот инкубациски период за брадавиците е од три недели до осум месеци, со просек од 2,9 месеци. Оралната инфекција со гениталните ХПВ-типови може да се случи, но ризикот од преносот е мал. Перинатален пренос исто така може да се случи, но тоа е ретко.