ЦИРОЗА – Кога црниот дроб пропаѓа

Цирозата на црн дроб е хронична, прогресивна болест која се карактеризира со пропаѓање на црнодробните клетки, создавање на фиброзно ткиво и нарушување на циркулацијата на црниот дроб, што го отежнува функционирањето на овој витален орган. Постои низа на различни причинители за цироза, а еден од почестите е прекумерна употреба на алкохол кој со своето токсично делување, предизвикува масна инфилтрација на црниот дроб и неповратно ги оштетува хепатоцитите.

СИМПТОМИ

  • Губење на телесна тежина
  • Покачена телесна температура
  • Малаксалост
  • Хроничен замор
  • Жолтица

НАЈЧЕСТИ СИМПТОМИ

Ова заболување е проследено со малаксалост, хроничен замор, нагло намалување на телесната тежина, често покачена телесна температура и жолтица која се појавува по таложење на билирубин во крвта. На лицето, градниот кош и рацете се појавуваат црвени точкасти дамки од кои се разгрануваат капилари, а на дланките се јавува интензивно црвенило. Ова воедно се и први симптоми на цироза на црн дроб, додека во понапреден стадиум на болеста, доаѓа до насобирање и задржување на течности во телото. Симптомите кај мажите може да бидат и атрофија на тестисите, намалена влакнетост по кожата и гинекоматија (болно зголемени гради), а доколку дојде до оштетување на мозокот, настапуваат психички промени во форма на депресија, анксиозно нарушување, конфузија, намалена моќ на расудување и есенцијален тремор.

ЛЕКУВАЊЕ

Многу често болните покажуваат отпор кон лекувањето. Во повеќето случаи, поради семејно насилство, една од мерките што се спроведува е задолжително болничко лекување. За терапијата и текот, одлука донесува лекар со една задолжителна мерка која се дефинира “СТРОГА АПСТИНЕНЦИЈА ОД АЛКОХОЛ“.

Покрај фармакотерапија, се препишува индивидуална и групна психотерапија според препораките на лекарот. Активно учество во групи за поддршка (Анонимни клубови за алкохоличари) се само некои од социотерапевтските пристапи во лекувањето, кое е долго и континуирано.

ПРЕВЕНЦИЈА

Превенција која се темели на здравствена едукација за штетноста на алкохолот на човечкото здравје, може да биде ефикасна во понатамошните активности и односот на младите луѓе кон консумирањето алкохол. Кај лицата кај кои постои кон консумирање алкохол, како форма на превенција е барањето помош од стручно лице со цел да се преземат навремени постапки со помош на кои ќе се спречи зависноста од алкохол, кој во огромен број случаи доведува до алкохолна цироза на црниот дроб.