Што е шеќерна болест, а што инуслин?

Дијабетес или шеќерна болест е пореметување на метаболизмот кое се карактеризира со хронична хипергликемија (покачено ниво на шеќер во крвта) поради нарушено излачување на инсулин, делување на инсулинот или и двете.

ШТО Е ИНСУЛИН?

Инсулинот е хормон од витална важност што го произведува панкреасот во бета-клетките. Инсулинот има клучна улога за пропуштање на шеќерот (глукоза) во клетките.

При дијабетес, панкреасот произведува премалку инсулин за да овозможи целиот шеќер што ќе го внесеме со храната, од крвта премине во мускулите и останатите клетките кои произведуваат енергија. Ако шеќерот не може да влезе во клетките и да биде искористен, се таложи во крвта. Затоа, основна карактеристика на дијабетесот е покачен шеќер во крвта кој долгорочно предизвикува оштетувања на очите, нервите, бубрезите и крвните садови кои се нарекуваат компликации од шеќерна болест.

КАКО ДЕЛУВА ИНСУЛИНОТ?

За човечкото тело нормално да функционира потребна му е енергија. За производство на енергија на телото му е потребна храна. Енергијата, човечкото тело ја произведува во клетките.

За создавање енергија на телото му се потребни следниве состојки од храната: јаглехидрати, масти и белковини (протеини).

Јаглехидратите се најдобриот извор на енергија на телото на човекот. Во јаглехидрати се вбројуваат скроб (брашно, компир, ориз), шеќер и глукоза.

Глукозата е основен извор на енергија за човечкото тело. Глукозата е складирана во црниот дроб и мускулите во форма на материја која се нарекува гликоген, а која служи како “резерва на енергија“.

Глукозата во крвта доаѓа од храната (од јаглехидратите) и од црниот дроб (резерва на глукоза од гликогенот). Освен што ја складира, црниот дроб произведува и мала количина на глукоза (процесот на производство се нарекува глуконеогенеза.

По оброк, јаглехидратите од дигестијата (варење на храната) влегува во крвта, а преку крвта оди во клетките. Некои клетки (мускул и масни клетки) требаат помош за да го примат шеќерот од крвта и да го искористат за создавање на енергија.

На црниот дроб му треба помош за процесот на складирање на глукозата во гликоген. Инсулинот служи како клуч кој ја отвора вратата на клетките и овозможува шеќерот од крвта да влезе во клетките. Клетката од шеќерот произведува енергија за свое работење. Тоа го намалува шеќерот во крвта и го враќа во нормала.

КОИ ФАКТОРИ И КАКО ВЛИЈААТ НА ГЛУКОЗАТА ВО КРВТА?

  • Храната (јаглехидрати) го зголемува нивото на глукоза во крвта
  • Физичката активност го намалува нивото на глукоза во крвта
  • Стресот може да го покачи нивото на гликоза во крвта
  • Алкохолот го намалува нивото на глукоза во крвта

СИМПТОМИ НА ДИЈАБЕТЕС:

  • Често и обилно мокрење
  • Жед
  • Глад
  • Намалување на телесна тежина
  • Замор/слабост
  • Замаглен вид

ТИПОВИ НА ДИЈАБЕТЕС

Постојат две главни категории на дијабетес:

Дијабетес тип 1 се јавува во детството или младоста и е неопходен инсулин во лекувањето. Предизвикан е од самиот имун систем на телото кој ги уништува клетките на панкреасот кои произведуваат инсулин (бета клетки).

Дијабетес тип 2 обично полека се развива кај возрасните. Напредува со тек на времето. На почетокот може да се лекува со диета и физичка активност, а во подоцна фаза на болеста потребно е да се воведе лекување со таблети и инсулин.