Што може да стои позади болката во колената

Отокот, болката и вкочанетоста на зглобовите во колената се многу непријатна појава и се главните симптоми кои укажуваат на воспалителен процес во пределот на зглобот или таканаречен артритис.

Коленото е сочинето од три основни дела, на делот каде што коските се среќаваат секоја од нив треба да е прекриена со заштитен слој од рскавица.  Дополнителен дел од рскавицата наречен менискус дополнително му дава поддршка на коленото.

Доколку рскавицата се оштети и се случи коските да почнат да се допираат една со друга доаѓа до појава на силна болка.

Коленото секојдневно се троши бидејќи е изложено на доста напор, и затоа многу често доаѓа до појава на артритис.

Постојат неколку различни вида на артритис кои можат да го зафатат коленото, и изборот на терапија зависи токму од видот.

Најчестите видови на артритис кои го зафаќаат коленото се:

Остеоартритис – ова е најчестиот вид артритис кој се случува кога заштитната рскавица врз коските ќе почне да се троши, и ќе предизвика да дојде до меѓусебно триење на незаштитените коски.

На крајот од коските поради тоа можат да се појават и мали израстоци кои не само што предизвикуваат болка туку почнуваат да го ограничуваат и движењето.

Посттрауматски артритис – се јавува како резултат на некоја стара повреда на коленото или на околните ткива.  Најчесто овој тип на артритис е пратен и со болен оток во зглобот.

Гихт – тип на атритис кој е предизвикан од наталожување на  кристали на урична киселина  во зглобот, кои како ситни иглички можат да предизвикаат болка, воспаление и оток.

Ревматиден артритис – автоимун тип на болест каде воспалението во зглобот е предизвикано како резултат на напад од имуниот систем врз сопствените клетки.  Поради овој процес можно е да дојде до оштетување на рскавицата и на зглобот, отекување и омекнување на коските во коленото.

Кога артритис ќе се развие во коленото, вообичаено е да се влошува со тек на времето.

Последните фази веќе водат до деформирање на зглобовите и зацврстување што почнува да го отежнува движењето.  Но, постојат и случаи каде одеднаш може да се јават посилни симптоми.

Дијагнозата за артритисот во коленото се поставува врз база на физички преглед, снимања и лабораториски тестови.  Поставувањето на точна дијагноза е од исклучителна важност за избирање на ефикасен третман.