Грчот во мускулот претставува неконтролирано згрчување на дел од мускулот кое може да трае од неколку секунди до неколку минути, и најчесто поминува само од себе.
Грч може да се случи во било кој мускул од телото, но најчесто се јавува во потколеницата и во стапалото.
Точната причина за појавата на грчеви не се знае, но постојат повеќе ризик фактори како слаба физичка подготвеност, минерален и електролитен дисбаланс, и имање на стегнати и нефлексибилни мускули.
Грчевите во најголем број на случаи се безопасни, но понекогаш може да се појават и како резултат на некое друго заболување, како што на пример е атеросклерозата. И токму затоа ако се јавуваат доста често или трајат подолго потребно е да се посети лекар.
За мускулното ткиво нормално да ја обавува својата функција, односно да се затега и опушта потребно е во телото да има нормална количина на минерали и електролити.
Грчевите вообичаено се појавуваат кога ќе се наруши нивото на калциум, магнезиум, калиум и натриум. Нивото на овие важни минерали може да се наруши поради несоодветна исхрана, дехидратација, повраќање, прекумерно потење итн.
Но, постои и една поинаква форма на грчеви во мускулите, која се нарекува тетани и настанува кога резултат на презасилено дишење се намалува нивото на јаглероден диоксид во крвта. Ваква хипервентилација која може да доведе и до појава на грчеви, обично се јавува при напад на анксиозност.
Иако грчевите не трајат долго, болката е силна и непријатна, и постојат неколку начини на кои можеш да си помогнеш:
- Истегнување и масажа – истегни го згрчениот мускул нежно, и полека масирај го зафатеното подрачје додека да исчезне грчот
- Облоги од мраз – во случај на силен грч, доколку на зафатеното место се стави мраз тоа може да помогне за мускулот да се релаксира.
- Лекови – некои лекови се покажале корисни во контрола на мускулните грчеви, но тие се даваат само по барање од лекар
Но, како и за се друго така и во случајот на мускулните грчеви подобро е тие да се спречат отколку да се лечат.
Грчевите во мускулите можат да се превенираат доколку:
- Се зголеми нивото на физичка активност
- Вклучи редовно истегнување во твојот режим на вежбање
- Загреј се и олади се пред и после вежбањето
- Пиј доволно количество на течности особено ако спортуваш
- Осигурај дека здраво се храниш и додај повеќе овошје и зеленчук
- Редовна масажа ќе ти помогне за отстранување на мускулната тензија
- Носи удобни обувки и избегнувај високи потпетици.