Гојазност е состојба при која телото има акумулирано премногу голема количина на масно ткиво. Со модерниот начин на живот таа станува се почест проблем и се појавува кај лицата од буквално сите возрасни групи.
Гојазноста ги прави луѓето да се чувствуваат незадоволни од својот изглед, но таа е многу повеќе од козметички проблем.
Оваа стостојба претставува проблем и од медицинска гледна точка, затоа што го зголемува ризикот од развој на различни хронични болести и здравствени состојби.
Најчесто како последица на континуирано имање на прекумерна телесна тежина може да се развие срцева болест, дијабетес, висок крвен притисок, па дури и некои видови на рак.
Но, добрата вест е што дури и скромното намалување на прекумерната телесна тежина, може значително да ги подобри здравјето и да го спречи развојот на болести.
Постојат многу причини поради кои некои луѓе се посклони кон дебелеење, најчесто во прашање е наследниот фактор, физилошки или фактори од околината, начинот на исхрана или физички неактивниот живот.
Шест најчести причинии кои предизвикуваат гојазност се следниве
- Генетска предиспозиција – исражувањата покажале дека генетиката има огромна улога во појавата на гојазност. Пример за таков случај е таканаречениот Прадер – Вили синдром. Но, во повеќето случаи гојазноста не може да се препише само на генетиката затоа што се појавува под заедничко влијание на гените и другите надворешни фактори, како на пример начинот на живот и исхрана.
- Некои болести – некои болести како на пример оние каде има хормонален дисбаланс предизвикуваат гојазност. Хипотироидизмот или намалената функција на тироидната жлезда е чест фактор кој води до дебелеење, потоа Кушинговиот синдром и полицистичните јајници.
- Некои лекови – употребата на одредени лекови за третирање на некои болести истотака може да предизвика големо зголемување на телесната тежина. Ваков несакан ефект најчесто се појавува при употреба на кортикостероидите, антидепресантите итн.
- Начинот на исхрана – изборот на висококалорична храна, и прејадувањето скоро секогаш предизвикуваат дебелеење, затоа што кога човекот внесува повеќе калории отколку што троши, настанува дисбаланс како резултат на кој неминовно се појавува создавање на повеќе масно ткиво, негово акумулирање и дебелеење.
- Фактори од околината – во овие фактори спаѓаат повеќе фактори од местото на живеење и колективно наметнатиот начин на живот, како на пример постојано и агресивно рекламирање на нездрава храна која ги поттикнува луѓето да почнат да ја јадат. Или место на живеење со недоволно зелени површини и зони наменети за пешачење, или од финансиска гледна точка прескапи сали за вежбање што ги прави луѓето поголем дел од времето да бидат физички неактивни итн.
- Фактори од емоционална природа и стрес – некои луѓе јадат многу повеќе кога се чувствуваат непријатно, тажно, вознемирено или се под голем стрес. Овие луѓе вообичаено спијат помалку, а докажано е дека недоволниот сон го зголемува стресот, а освен тоа кога спиеме се ослободуваат хомони кои го контролираат апетитот и начинот на кој телото ја користи енергијата од храната.