Болестите на хипофизата влијаат врз сите системи на човечкиот организам вклучувајќи го и мозокот. Хипофизата е неуроендокрина жлезда, која е сместена под базата на големиот мозок.
Заедно со хипоталамусот, таа претставува главен надзорен орган за излачување на хормони во телото.
Хипофизата има димензии на зрно грашок и е составена од преден дел, аденохипофиза, и заден дел неурохипофиза.
Аденохипофизата учествува во излачување на девет хормони, а неурохипофизата не создава хормони туку само складира и пренесува два неуротрансмитера кои се создаваат во хипоталамусот.
Болеста односно нарушувањето во функцијата на хипофизата може да се манифестира на два начина како зголемена или како намалена функција.
За појава на хипо или хипер функција на хипофизата може да има повеќе причини, а некои од нив се:
- Тумори на мозок и на основата на черепот
- Метастази на тумори во хипофиза и хипоталамус
- Состојби после трауматична повреда на глава
- Пореметувања во мозочната циркулација
- Воспалиенија на мозок и хипофиза
- Автоимуни болести
- Други болести ( амилоидоза, хемохроматоза, саркоидоза, туберкулоза)
- Зрачење на главата
- Употреба на некои лекови и друго.
Нарушувањата во работата на хипофизата можат да се препознаат преку нивните симптоми.
Симптоми кои укажуваат на проблеми во функцијата на хипофизата се всушност симптоми кои укажуваат на пореметена функција на другите ендокрини жлезди чија работа е под регулација на хипофизата, како што се тироидната и надбубрежната жлезда, јајниците, тестисите, градите, утерусот.
Истотака можно е да се појават и проблеми со растот, развојот, спиењето, концентрацијата, конгницијата итн.
Во случајот на појава на некои симптоми кои укажуваат на пореметување во работата на хипофизата потребна е навремена посета на лекар, со цел да се постави точна дијагноза и да се превземат потребните терапевтски мерки со цел да се избегнат компликации.