ОПАСНОСТИ ОД ВИСОК КРВЕН ПРИТИСОК: Како хипертензијата влијае на телото

КОМПЛИКАЦИИ ОД ВИСОК КРВЕН ПРИТИСОК

Преголемиот притисок на ѕидовите на артериите предизвикан од висок крвен притисок може да ги оштети крвните садови и органите во вашето тело.

Колку е повисок крвниот притисок и колку подолго не се лекува, настанатата штета ќе биде поголема.

Доколку не се лекува, високиот крвен притисок може да доведе до:

Срцев или мозочен удар – Покачениот крвен притисок може да предизвика стврднување и задебелување на артериите (атеросклероза) што може да доведе до срцев удар, мозочен удар или други компликации.

Аневризма – Високиот крвен притисок може да ги ослаби крвните садови и да предизвика проширување и појава на аневризми. Ако пукне аневризмата, животот може да биде загрозен.

Срцево затајување (кога срцето пумпа недоволна количина на крв со цел да ги задоволи телесните метаболни потреби) – За да може да пумпа крв со висок притисок во крвните садови, срцевиот мускул може да се задебели. Задебелениот мускул со напор пумпа крв за да на телото му обезбеди доволна количина на крв, а тоа на крајот, може да доведе до затајување на срцето.

Ослабени и стеснети крвни садови во бубрезите – Ова може да ја попречува нормалната работа на бубрезите.

Задебелени, стеснети или пукнати крвни садови во очите – Ова може да доведе до губење на видот.

Метаболичен синдром – Овој синдром е група на метаболички нарушувања во кои спаѓаат: зголемен обем на струкот, покачени триглицериди, ниско ниво на липопротеини со висока густина (HDL) или добар холестерол, висок крвен притисок и високо ниво на инсулин. Ако имате висок крвен притисок, поголема е веројатноста дека ќе имате и други компоненти на метаболичен синдром. Колку повеќе компоненти имате, толку е поголем ризикот од развој на шеќерна болест (дијабетес), срцеви заболувања и мозочен удар.