Остеоартритисот е состојба каде како резулат на воспалуителен процес во зглобовите, се појавуваат низа дополнителни проблеми, од болка, вкочанетост и намалена подвижност, до цела низа на сериозни компликации.
Најчеста компликација која го нарушува квалитетот на живот на пациентите со остеоартритис е хроничната болка. Постојаното чувство на болка без оглед на нејзиниот интензитет, истоштува и изморува. Дополнително таа понатаму може да доведе и до развој на други проблеми како анксиозност или депресија.
Други компликации кои можат да настанат се:
- Зголемениот ризик за пад или повреда
- Развој на пресилна болка
- Ограниченост во извршување на работните обврски
- Пореметувања во сонот
- Намалена продуктивност
- Зголемување на телесната тежина
Луѓето со остеоартритис поради болката која им се јавува во зглобовите, често имаат проблеми со спиењето. Проблемите може да се појават и поради чувството на вкочанетост кое ги оневозможува да завземат удобна позиција, да се опуштат и одморат.
А со неквалитетниот одмор, за жал дополнително се зголемува и чувството на болка.
Продуктивноста кај пациентите со хроничен остеоартритис, секогаш е намалена затоа што поради болката и намалената мобилност почести се и отсуствата од работа, а намален е квалитетот во извршувањето на потребните активности.
Со соодветен третман проблемите може да се намалат и продуктивноста зголеми, но постојат и потешки случаеви каде со тек на времето се појавува и потреба од помош во извршувањето на обврските.
Зголемувањето на телесната тежина истотака често се јавува затоа што болката и вкочанетоста ги прави овие луѓе да избегнуваат активен начин на живот. Во потешки случаи не само спортувањето, туку и одењето може да почне да биде потешкотија.
Гојазноста од друга страна и самата е ризик фактор за развој на артритис, такашто доколку не внимава пациентот со остеоартритис лесно може да влезе во маѓепсан круг.
Дополнително покачената телесна тежина може да доведе и до други компликации како дијабетес, покачен притисок и проблеми со срцето.
Анксиозноста и депресијата се пратечка компонента речиси на сите хронични болести, а особено на оние состојби каде пациентот трпи и болка.
Коскената смрт или остеонекроза истотака е забележана кај пациентите со остеоартритис. Кршениците, инфекциите или крварењето во зглобовите, оштетување на тетивите и лигаментите, вклештен нерв или развој на остеоартритис во рбетот, се сериозни компликации кои прават остеоартритисот да не смее да се занемарува, туку да се пристапи кон негово менаџирање со смислен план со цел да се зачува здравјето и подобри квалитетот на живот.
