Постојат различни типови на анемија, и следствено и причините за нивната појава се различни. Едни од најчестите причини за појава на анемија се следниве:
- Недостаток на железо – најчестиот тип на анемија настанува токму поради недоволна количина на железо во телото. Железото е потребно за нормално создавање на хемоглобин и црвени крвни клетки, токму затоа неговиот недостаток води до намалување на бројот на еритроцитите и пониско снабдување на ткивата со кислород.
Овој тип на анемија особено е чест кај бремените жени, се појавува и при обилни крварења како резултат на менструален циклус, или поради рани и чирови кои најчесто се локализирани во тенкото црево. Ваква анемија може да се појави и како резултат на воспаление и загуба на крв, предизвикано од употребата на некои лекови, како на пример аспирин.
- Недостаток на витамини – недостатокот на витамин Б12 и фолат истотака може негативно да влијае врз физиолошкиот процес на создавање на еритроцити. Сличен резултат може да се појави и од недостаток на некои други клучни елементи, ако тие не се внесуваат секојдневно преку здравата и избалансирана исхрана. Понекогаш се случува човекот и покрај тоа што внесува доволна количина на витамин Б12 со храната, истиот да неможе да се абсорбира во телото и повторно да се појави анемија. Таков е случајот со пернициозната анемија.
- Последица на воспаление – постоењето на некои болести во телото при кои постои воспалителен процес, како што се Кроновата болест, ревматидниот артритис, ракот итн, можат да го намалат и бројот на еритроцитите и да доведат до слабокрвност.
- Апластична анемија – овој тип на анемија е многу сериозен, и може дури и да го загрози животот. Настанува поради тоа што самото тело не успева да произведе доволна количина на здрави еритроцити. Како причини за нејзин развој се посочува употребата на некои лекови, инфекции, автоимуни болести и изложувањето на токсични хемикалии.
- Анемии поради болест на коскената срцевина – во оваа група на анемија спаѓаат болести како леукемија и миелофиброза. Овие состојби наликуваат на канцер, и можат да бидат средно до силно изразени, а за жал понекогаш имаат и кобен исход.
- Анемии поради хемолиза – оваа група на анемии е последица на хемолиза или на уништување на црвените крвни клетки, многу побрзо отколку што се создаваат. Овој тип на анемии можат да се наследат, но и да се развијат подоцна во животот.
- Српеста анемија – станува збор за наследно заболување, кое спаѓа во видот на хемолитички анемии, и при кое се создава дефектен хемоглобин, а еритроцитите наместо кружна имаат форма на срп. Ваквите деформирани еритроцити имаат пократок век на траење, и така доаѓа до анемија.
