Старечката макуларна дегенерација, е болест на окото при која доаѓа до заматување на централниот вид. Настанува со самиот процес на стареење, при кој доаѓа до оштетување на макулата, односно оној дел од окото кој го контролира гледањето кон напред.
Макулата всушност е дел од ретината, кој се наоѓа на задниот дел на окото.
Старечката макуларна дегенерација е главната причина за нарушување на видот кај постарите лица.
Таа не предизвикува комплетно слепило, туку води до губење на централната визија, поради што станува потешко да се гледаат лицата, да се чита, да се вози или да се извршува билокоја друга работа од блиску.
Брзината на развојот на оваа болест е различна кај различни лица. Понекогаш можно е болеста да постои, а да не се појават веднаш проблемите со видот, и токму затоа редовните офтамолошки прегледи се многу важни за рана дијагностика на старечката макуларна дегенерација.
Постојат два типа на оваа болест, сува и влажна.
Сувата макуларна дегенерација почесто се среќава, се среќава и под името атрофична макуларна дегенерација и има три фази: рана, средна и доцна.
Со текот на годините оваа болест бавно прогресира, но доколку се превземат навремени мерки болеста може да се забави со цел да се зачува преостанатиот вид или ако е зафатено едното око, да се заштити видот во другото.
Влажната макуларна дегенерација, е наречена и напредна неоваскуларна макуларна дегенерација. Таа поретко се јавува, но предизвикува побрзо губење на видот.
Сувата макуларна дегенерација, можно е да се претвори во влажна, но обратната појава не е возможна бидејќи влажната форма е всушност најдоцнежната фаза на ова заболување.
Во случајот на влажна макуларна дегенерација, абнормални крвни садови почнуваат да раснат во задниот дел на окото и ја оштетуваат макулата.
За разлика од сувата макуларна дегенерација за која нема лек, за влажниот тип на ова заболување постои соодветен третман.
