Артроза или артритис – што те мачи?

Артрозата и артритисот се две различни состојби, иако честопати луѓето мислат дека се едно исто.

И во двата случаи зафатени се коските, лигаментите зглобовите, и постои и преклопување на симптомите во поглед на вкочанетост и болка, но важно е да се нагласи дека воопшто не станува збор за иста состојба.

Артритисот е термин кој се користи за да опише повеќе состојби во кои како симптом се појавува и воспалението во зглобовите.

Но, во некои случаи воспалението може да ги зафати и кожата, мускулите, органите итн.

Според ова во видови на артритис спаѓаат на пример остеоартритисот, ревматидниот артритис и гихтот.

Артрозата истотака спаѓа во артритис, и според американскиот институт за артритис, е најчеста појава во редот на овие заболувања.  Почесто се појавува кај постарите лица и кај жените, додека кај мажите почесто се јавува гихт.

Ризикот за развој на артроза има генетска предиспозиција, но расне со возраста, со повредите, со достигањето на прекумерна телесна тежина итн.

Артрозата настанува како резултат на нормалното абење и трошење на рскавицата и зглобовите.  Рскавицата има заштитна улога во телото, таа го прекрива крајот на коските и им помага на зглобовите да се движат.

Како што старееме, рскавицата почнува да се намалува, за во некои случаи и комплетно да исчезне.  Доколку тоа се случи коските во зглобовите ќе почнат да имаат контакт една со друга, и ќе почнат да предизвикуваат болка, вкочанетост, а понекогаш сето тоа е пратено и со појава на оток.

Најчесто од артроза се зафатени зглобовите во рацете, вратот, колената и колковите, а ризикот за нејзиниот развој расте како што раснат и годините.

Најчестите симптоми на артрозата вклучуваат:

  • болка во зглобовите
  • вкочанетост
  • нелагодно чувство околу зафатените места
  • намалена флексибилност
  • триење коска врз коска
  • мали коскени израстоци во зафатените зглобови

Точната дијагноза дали станува збор за артроза или за друг тип на артритис може да ја постави само лекарот врз база на преглед и спроведени лабораториски и доколку е потребно и други поинвазивни испитувања.

Поставувањето на точна и навремена дијагоза може да помогне во поефикасното справување со симптомите и затоа доколку болката во зглобовите го нарушува квалитетот на твојот живот, не чекај и не нагаѓај што ти е туку побарај помош!