Блефаритис претставува воспаление на очните капаци кое најчесто се јавува вдолж трепките на двете очи истовремено.
Вообичаено се јавува доколку има некакво затнување на малите жлезди во коренот на трепките, пришто доаѓа до црвенило и иритација.
Оваа состојба често е хронична и тешка за третирање, и иако личи страшно за среќа не предизвикува трајно оштетување на видот и не е заразна.
Симптомите на блефаритисот се најлоши наутро и вклучуваат:
- Насолзени очи
- Црвени очи
- Постојано чувство на печење или боцкање во очите
- Мрсни капаци
- Капаци кои чешаат
- Црвени и отечени капаци
- Перутање на кожата околу очите
- Почесто трепкање
- Чувствителност на светлина
Постојат повеќе причини за појава на блефаритис, некои од нив се
- Себороичен дерматитис – првут на скалпот и на веѓите
- Инфекција
- Затнати жлезди на капаците
- Розацеа – црвенило на лицето
- Болви или вошки на трепките
- Суви очи
По поставената дијагноза за блефаритис важна е соодветната грижа во домашни услови како редовното одржување на хигиена, миење на очите, ставањето на топли облоги. Но, доколку тоа не помогне тогаш лекарот може да ппрепише и соодветен третман кој вклучува:
- Лекови против инфекција – антибиотиците кои се користат локално, аплицирани на очниот капак се покажале ефикасни во менаџирањето на бактериските инфекции. Овие лекови најчесто се во форма на капки, кремови и масти.
- Лекови за контролирање на воспалението – кортикостероидите кои ги има во форма на капки или масти се користат обично за луѓе кои немаат ефект со другите терапии, а честопати се даваат и заедно со антибиотиците.
- Третман на примарното заболување – кога блефаритисот е резултат на некое друго здравствено нарушување како себороичен дерматитис, розацеа и друго, истиот може да се стави под контрола со третирање на примарното заболување.
Во денешно време се нудат и други третмани за одзатнување на затнатите масни жлезди на капаците, еден од нив е и eye light терапијата, но за нивната ефикасност не постојат сеуште доволно студии.
Но, сепак една од основните мерки кои требаат да се превземат во случај на блефаритис е одржувањето на добра хигиена и ставањето на топли облози и до четири пати дневно, а по смирувањe на состојбата потребно е да се продолжи со истото два пати на ден.
Доколку има наслаги на капаците се ставаат топли облози по неколку минути за да ги омекнат, капаците е потребно цврсто но нежно да се масираат, со чисто крпче или чист прст, потоа со крпче или чепкалака за уши натопени во разблажен бебешки шампон треба да се очисти базата на трепките за да се отсранат наслагите, по плакнењето на очите со топла вода тие треба да се избришат со чист и сув пешкир (за секое око посебен) и доколку е потребно локално да се аплицира во окото антибиотска маст.
Шминкањето во периодот на инфекција треба да се избегнува.
За да се надмине проблемот со сувите очи потребно е да се користат вештачки солзи.
Од додатоците во исхраната се смета дека внесот на омега 3 масни киселини може да помогне во случајот кога блефаритисот е поврзан со појавата на розацеа.