Дали хипертензијата има симптоми?

 

Хипертензијата или покачениот крвен притисок е тивка состојба, прикоја симптоми речиси да нема, додека да се случи некој сериозен проблем.  Од првата појава на покачен крвен притисок, понекогаш се случува да минат и десетина години пред да се забележат видливи симптоми, но тогаш најчесто состојбата веќе предизвикала посериозно нарушување на здравјето.

За најчести симптоми кои укажуваат на покачен крвен притисок се следниве:

  • крварење од носот
  • зацрвенување
  • чести главоболки
  • чувство на мачнина
  • болки во градите
  • недостаток на здив
  • нарушување на видот
  • крв во урината

Но за жал кога ќе се појават вакви симптоми, тие веќе бараат итна медицинска интервенција.

Хипертензијата е многу подмолна болест и затоа честопати се нарекува и тивок убиец  Погоре споменатите симптоми иако укажуваат на покачен крвен притисок, не секогаш се појавуваат кај сите пациенти.

Понекогаш е возможно првиот симптом да биде на пример мозочен удар и истиот да заврши фатално.

Токму затоа при појава на некој од горенаведените симптоми, потребно е да се појде на лекар и да се направат потребните анализи.

Редовното мерење на крвниот притисок претставува добра превентивна мерка во поглед на задоцнето откривање на болеста.

Токму затоа, при редовните систематски прегледи мерењето на вредностите на крвниот притисок претставува рутина.

Кај лицата со фамилијарна историја на хипертензија, или историја на срцева болест, честопати ваквите контроли се вршат почесто.

Мерењето на крвниот притисок всушност претставува и главен начин за дијагностицирање на хипертензија, како и на контролирање на состојбата откако ќе се започне потребниот третман.

Затоа што чувството на страв, стрес, како и самата посета на докторската ординација може моментално да го зголеми притисокот, за поставување на дијагноза на хипертензија секогаш е потребно повеќе од само едно мерење на притисокот.

Но во случај кога при повеќе мерења, се докаже состојбата на покачен  притисок, следен чекор е контролата на урината холестеролот, срцевата работа, и бубрезите.

Потребата од овие тестови е наметната со цел истовремено да се идентификува дали постои и некој друг здравствен проблем кој е всушност причина за секундарната појава на висок крвен притисок, и дали покачениот крвен притисок веќе предизвикал некакви нарушувања во организмот.