Грип – многу нелагодна респираторна инфекција

Инфлуенцата е вирусна инфекција која го напаѓа респираторниот систем, носот, грлото и белите дробови.  Инфлуенцата популарно се нарекува и грип, но е сосем различна од стомачниот грип кој предизвикува дијареа и повраќање.

Кај повеќето луѓе грипот поминува сам од себе, но некогаш можно е да дојде и до компликации.  За ризична група на луѓе кои би можеле да развијат компликации се сметаат:

  • Деца под пет годишна возраст, а особено оние под 6 месеци
  • Возрасни лица над 65 години старост
  • Лица кои престојуваат во старечки домови и слични установи
  • Бремени жени и родилки кои штотуку родиле
  • Лица со ослабен имунитет
  • Лица со хронични болести како астма, срцеви, црнодробни и бубрежни болести, и лица со дијабет
  • Гојазни лица

Симптомите на инфлуенцата во почетокот наликуваат на обична настинка или вирусна инфекција, се појавува течење на носот, кивање, болка во грлото.  Но, за разлика од настинката каде симптомите се развиваат бавно, кај грипот симптомите се случуваат наеднаш и севкупното чувство е полошо отколку кај настинката.

Најчести симптоми на грипот се следниве:

  • Температура
  • Болка во мускулите
  • Морници и препотување
  • Главоболки
  • Сува, упорна кашлица
  • Недостаток на здив
  • Слабост и изнемоштеност
  • Затнат или растечен нос
  • Болка во грлото
  • Болка во очите
  • Повраќање и дијареа, почесто кај децата отколку кај возрасните

Инфлуенцата во најголем број на случаи се лекува во домашни услови, но доколку постои ризик за појава на компликации или доколку тие се појават, потребно е да се појде на лекар.

Се смета дека употребата на антивирусни лекови, може да ја намали должината на болеста и да превенира развој на други посериозни проблеми.

Инфлуенца вирусот се пренесува лесно од човек на човек.  Најчесто при кашлање, кивање или зборување пришто вирусот патува низ воздухот во капките.  Другото лице може директно да го вдише вирусот или да го собере факајќи некој предмет со рацете и потоа допирајќи ги очите, носот или устата.

Лицата кои се заразиле стануваат заразни за околината отприлика ден пред појавата на симптомите до петтиот ден од нивното појавување.  Додека лицата со послаб имунитет, како и децата продолжуваат да бидат заразни за околината и подолго време.

Инфлуенца вирусите постојано се менуваат, и се создаваат нови видови, и токму затоа лицето кое прележало грип и создало антитела може да не е заштитено од повторно разболување, од друг вид на сличен инфлуенца вирус, но поголема е веројатноста дека полесно ќе се справи со болеста.

Кај лицата со здрав имун систем инфлуенцата трае од една до две недели, најчести компликации кои можат да се надоврзат на грипот се:

  • Пнеумонија
  • Бронхитис
  • Проблеми со срцето
  • Ушни инфекции
  • Влошување на астма

Пнеумонијата претставува најсериозна компликација на грипот, бидејќи може да има и смртен исход.  Изолацијата на заразените луѓе и одржувањето на добрата лична хигиена, како и не допирањето на лицето со нечисти раце, е неопходна и природна метода за заштита од грип.