Хипотироидизам или намалена функција на тироидната жлезда е состојба при која тироидната жлезда не создава доволно количество на тироксин.
Во раните фази од болеста можно е да нема никаква појава на симптоми, но подоцна почнуваат да се забележуваат редица на проблеми, како што се на пример болка во зглобовите, неплодност и срцева болест.
Оваа болест се открива преку лабораториско тестирање на крвта, при кое се испитуваат неколку параметри. По поставената дијагноза се прибегнува кон давање на терапија која всушност се темели на редовно внесување на синтетички тироиден хормон.
Овакавата трепија според класичната медицина е доживотна, и потребни се редовни контроли за попрецизно и соодветно подесување на дозата.
Но, постојат и алтернативни пристапи за лекување на хипотироидизам, кои вклучуваат промена на исхраната, промена на животниот стил, како и употреба на специфични додатоци во исхраната.
Знаците и симптомите кои укажуваат на хипотироидизам се разликуваат во зависност од интензитетот на хормонскиот дефицит. Проблемите се развиваат постепено и бавно најчесто во период од неколку години.
Првите видливи симптоми се уморот и покачувањето на телесната тежина, но како што метаболизмот продолжува да се забавува се појавуваат и редица на други симптоми како што се:
- Зголемена чувствителност кон студ
- Констипација
- Сува кожа
- Отечено лице
- Зарипнат глас
- Мускулна слабост
- Покачен холестерол
- Болки во мускулите и вкочанетост
- Болки и вкочанетост во зглобовите
- Поообилен или нередовен менструален циклус
- Забавен пулс
- Проблеми со меморијата
- Депресија
- Гуша
За појавата на хипотироидизмот може да има различни причини, но едни од најчестите се следниве:
- Автоимуни болести – во случајот на Хашимото хипотироидизам, за причина се смета автоимуната реакција во телото. Се претпоставува дека постои дисбаланс во имуниот систем при кој телото создава антитела кои се насочени кон сопствените ткива, во овој случај тоа е тироидната жлезда. Научниците сеуште не можат да се согласат што е тригер за појавата на автоимуните реакции, но постојат теории кои причината ја бараат во генетиката во комбнација со надворешните фактори,како и потенцијалното присуство на хроничен вирус во телото како што е Епштајн Бар.
- Последица од терапија за хипертироидизам – лицата со прекумерна функција на тироидната жлезда се третираат со антитироидни лекови, со хируршка интервенција или употреба на радиоактивен јод. Ваквите терапевтски пристапи понекогаш може да доведат до намалена функција на некогаш премногу активната тироидна жлезда и да предизвикаат хипотироидизам.
- Некои лекови – употребата на некои лекови како што е литиум можат да доведат до намалена функција на тироидната жлезда.
- Вроден проблем – понекогаш хипотироидизмот се појавува и кај новороденчињата поади наследно неправилно развивање на тироидната жлезда.
- Проблем со питуитарната жлезда – доколку има проблем со питуитарната жлезда поради кој таа не може да создаде нормално ниво на тироиден стимулирачки хормон ТСХ.
- Бременост – некои жлезди добиваат хипотироидизам за време на бременоста или потоа. Токму затоа при редовните прегледи с епроверува и нивото на тироидни хормони кај мајката.
- Недостаток на јод – недостатокот на јод во телото може да ја намали функцијата на тироидната жлезда, но истотака и прекумерниот внес на јод понекогаш може да го предизвика истиот ефект. Доколку се суплементира јод со цел да се нормализира функцијата на троидната жлезда потребно е негово внимателно дозирање.
Доколку врз база на погоре опишаните симптоми некој се посомнева во постоење на проблем со тироидната жлезда, потребно е да појде на лекар со цел да се постави точна дијагноза. Редовни посети на лекар се потребни и по поставувањето на дијагнозата, со цел да се контролира состојбата.