ХПВ или хуман папилома вирус е вид на вирус кој се пренесува преку контакт кожа на кожа.
Детектирани се повеќе од 100 вида на ХПВ, а од нив најмалку четириесетина се пренесуваат преку сексуален контакт. Се смета дека хуман папилома вирусот е најчестата сексуално пренослива болест.
Асимптоматскиот карактер на овој вирус е една од причините токму тој да биде најзастапената сексуално пренослива болест, и бројот на новозаразаени да е во пораст.
Иако во најголем број на случаи ХПВ е асимптоматски, односно не предизвикува видливи симптоми, некои видови од овој вирус предизвикуваат генитални брадавици.
Брадавиците може да се појават и на задниот дел од грлото затоа што ХПВ може да се добие и при орален секс.
Доколку се забележат брадавици во гениталниот или во аналниот регион, или во грлото потребно е да се појде на лекар за точна дијагностика, затоа што брадавиците може да се безопасни, но понекогаш може да станува збор и за канцерозен израсток.
Видовите на ХПВ имаат различна агресивност, и не сите видови на ХПВ се опасни по живот, но некои можат да бидат и сериозна закана затоа што може да предизвикаат рак.
ХПВ може да добие секој, заразата настанува за време на интимниот однос при взаемен контакт на половите органи или при контакт на половите органи со прсти, уста, или при делење на сексуални играчки.
ХПВ може да се скрие дури и под ноктите, искуството покажало дека употребата на кондоми иако го намалува ризикот сепак не пружа сто процентна заштита.
ХПВ може да предизвика компликации, почесто кај жените, но и мажите не се комплетно заштитени.
Кај мажите во најголем број на случаи нема појава на никакви видливи симптоми, и токму тие можат да ги заразат своите партнерки без да знаат дека се носители на вирусот.
ХПВ е подмолен, затоа што кај жените иако може, не секогаш развива видливи симптоми, со други зборови со ХПВ може да е заразена и жената без да знае или да се посомнева, и на тој начин таа несакајќи да го зарази својот партнер.
За да се добие зараза, за жал понекогаш е доволен и само еден интимен однос, но имањето на повеќе сексуални парнери многукратно го зголемува ризикот. ХПВ е вирус кој не се лекува, најупотребуваниот пристап во третман на ХПВ е зголемувањето на имунитетот и доколку има брадавици нивно отстранување, но како и за секоја друга болест и во овој случај подобро е да се спречи заразувањето отколку потоа да се лечи.
Терапевтскиот пристап во случај на рак предизвикан од ХПВ зависи од интензитетот и степенот на болеста, и токму затоа раното откривање е многу важно.
Единствен безбеден начин кој пружа заштита од ХПВ е доколку интимните односи се во рамките на долготрајна и стабилна моногамна врска, а двајцата партнери не се носители на ХПВ.
Истото важи и за билокоја друга сексуално пренослива болест, а ваквиот начин на живот, кој всушност е и најнормален начин на живот, би го намалил и бројот на несакани бремености и абортуси, и би осигурал здраво потомство.
Таканаречените врски без обврски, имањето на повеќе истовремени партнери, нелојалноста кон партнерот или партнерката, кои за жал како да станаа дел од модерното време, многу го зголемуваат ризикот за заразување со најразлични болести, вклучувајќи го и овој опасен вирус.