Хронично наспроти акутно воспаление

Воспалението е природен начин на одбрана на телото од оштетените клетки, вируси, бактерии и други микроорганизми.

Воспалението може да биде акутно и хронично.  Акутното воспаление е пожелен одговор на телото бидејќи се случува со цел да му помогне на телото да оздрави, помагајќи за побрзо отстранување на штетните супстанции и оштетените ткива.  Акутното воспаление вообичаено прати некаква инфекција.

Хроничното воспаление нема таков ефект, и всушност е во сржта на многу денешни болести.

Хроничното воспаление за разлика од акутното кое започнува брзо и генерално исчезнува за неколку дена, трае многу подолго, со месеци или години, и притоа не успева да ја отстрани причината која го предизвикала.

Симптомите на акутното воспаление зависат од местото каде тоа се појавува.

Доколку се појави поради повреда или инфекција на кожата, доаѓа до:

  • Болка
  • Црвенило
  • Оток
  • Топлина

Доколку акутното воспаление се случи во внатрешноста на телото, не секогаш се забележуваат ваквите симптоми, особено доколку органот нема сензорни нервни завршетоци како што е случајот со белите дробови.  Во ваквите органи и ткива може да постои акутно воспаление без пациентот да осети симптоми кои би укажале на неговото постоење.

Хроничното воспаление има поинакви симптоми, некои од нив се:

  • Изнемоштеност
  • Рани во устата
  • Боли во градите
  • Болки во стомакот
  • Покачена температура
  • Болка во зглобовите

Хроничното воспаление може да зафати билокој орган и според тоа се разликуваат и симптомите.  Хроничното воспаление на пример може да предизвика отекување и загуба на функцијата на крвните садови, може да доведе до отекување и загуба на функцијата на бубрезите, може да доведе до загуба на функцијата на мускулите итн.

Како причини за појава на хронично воспаление во телото меѓудругото се посочуваат и нездравата исхрана, стресот, алергиите на храна, уседениот начин на живот како и проблеми во индивидуалниот инфламаторен одговор на телото, гојазноста, хроничниот стрес, здравјето на цревата, изложеноста на токсини итн.

Доколку постои проблем со индивидуалниот инфламаторен одговор се смета дека телото не успева да го реши проблемот со предизвикување на краткотрајно акутно воспаление, и доаѓа до долготрајно хронично воспаление.

Кај гојазните лица, поголем е процентот на масно ткиво во телото и токму во ова масно ткиво се создаваат поголеми количини на инфламаторни цитокини, кои го држат телото во постојана повеќе или помалку воспалена состојба.

За хроничниот стрес е докажано дека тој успева да ја промени генската активност на имуните клетки пред тие да влезат во крвотокот, а негативните промени во психичкото здравје како што е депресијата го покачуваат Ц – реактивниот протеин во телото.

Нездравиот микробиом е поврзан со перзистирањето на хроничното воспаление не само во цревата, туку и во други делови од телото, и се повеќе се поврзува и со појавата на автоимуните заболувања.

Постојаната изложеност на загаден воздух, вода, околина, храна, домаќински и козметички производи го зголемува нивото на инфламторни супстанции во телото и придонесува за појавата на хроничното воспаление.