Имуниот систем има задача да го заштитува телото од инфекции. Токму затоа лицата со намален имунитет многу почесто се разболуваат, и потешко се лекуваат.
Некои луѓе се раѓаат со послаб имунитет, но честопати намалувањето на имунитетот може да е резултат и на различни надворешни фактори.
Заболувањата како што се ХИВ, некои видови на рак, вирусниот хепатитис, неухранетоста, како и некои медицински третмани истотака можат да го намалат природниот имунолошки одговор.
Лесната подложност на различни инфекции е главниот симптом кој посочува на намален имунитет, но најчести сериозни инфекции кои ги добиваат лицата со намален имунитет се:
- Пневмонија
- Менингитис
- Бронхитис
- Кожни инфекции
Кај овие лица почесто се јавуваат и:
- Автоимуни нарушувања
- Воспаление на внатрешните органи
- Анемија
- Проблеми со дигестивниот тракт
- Проблеми во растот и развојот кај децата
Но за среќа постојат и некои едноставни чекори кои што доколку редовно се практикуваат би можеле да помогнат за намалување на појавата на инфекции. И тоа се следниве:
- Одржување на добра хигиена – еден од навидум наједноставните начини кој може да им помогне на лицата со намален имунитет да останат здрави е одржувањето на подобра лична хигиена, првенствено преку честото и детално миење на рацете.
- Избегнување на контакт со болни лица – избегнувањето на контактот со болни лица може да помогне за да се избегне честото добивање на инфекции, затоа што вирусите како и другите инфективни заболувања се пренесуваат при близок контакт меѓу луѓето. Доколку е невозможно да се избегне одреден контакт, сепак треба да се избегнува прегрнување и бакнување со заболеното лице, како и делење на храна и пијалок или чаши и прибор за јадење.
- Здраво менаџирање на стресот – затоа што стресот дополнително може да го ослаби имуниот систем потребно е истиот да се држи под контрола со употреба нанекои од проверените техники за негово менаџирање, како што се јога, медитација, масажа, имање на хоби, одржување на контакт со блиски луѓе и слично.
- Здрава и балансирана исхрана – нутритивно богатата храна, треба да е дел од секојдневието на секој човек, а особено на лицата со намален имунитет затоа што може да допринесе за постигање на подобар имунолошки одговор.
- Доволен сон – според истражувањата недоволниот сон врз телото прави ефект кој е многу сличен на стресот. Недостатокот на квалитетен сон, го нарушува нормалното создавање на бели крвни клетки кои се еден од главните компоненти на имуниот систем.
- Редовна физичка активност – внесувањето на редовна физичка активност во секојдневниот живот го одржува здравјето. И не само што се зголемува физичката отпорност туку се лачат и хормоните на среќата ендорфини, кои го намалуваат стресот. Но, мора да се има на ум дека вежбањето не смее да биде пренапорно, затоа што кај лицата со намален имун систем, преголемиот напор може да доведе до уште поголем пад на имунитетот.
- Употреба на додатоци во исхраната – додатоците во исхраната кои содржат витамини и минерали кои можат да го зголемат имунитетот истотака може да помогнат за помала појава на инфекции. За таа цел најчесто се препорачува витамин А, Д, Ц, Е, железо, цинк и фолна киселина или метил фолат, како и различни мулти витамински и мултиминерални производи.