Ревматидниот артритис е автоимуно заболување кое предизвикува хронично воспаление во пределот на зглобовите.
Започнува речиси неприметно, со благи симптоми кои повремено се појавуваат на двете страни од телото истовремено, но во период од неколку недели или месеци стануваат се посилни.
Болеста има наизменични периоди кога симптомите се многу бурни, и кога помалку се приметуваат.
Ревматидниот артритис иако може да се појави кај билокого, но почесто се појавува кај жените и тоа на возраст од 30 до 50 години.
Првите симптоми кои се појавуваат се:
- Болка или слабост во одредени делови од телото
- Зголемено чувство на изнемоштеност
Доколку болеста земе замав во период од неколку недели до месеци симптомите стануваат поочигледни и дополнително на претходните знаци, се појавува отекување, црвенило и топлина во пределот на зглобовите.
Ова е резултат на воспалителниот процес во внатрешноста на зглобовите, а затоа што на телото му е потребно големо количество на енергија за да се справи со воспалението, пациентот почнува да се чувствува поистоштено и поуморно.
Понекогаш е возможно само општиот премор и изнемоштеност да се единствениот симптом кој може да трае и со месеци, без некои дополнителни знаци кои веднаш би асоцирале на оваа автоимуна болест.
Затоа кај овие пациенти често може да се појави и депресија како резултат на долготрајното и речиси постојаното чувство дека нешто не е во ред, а ни тие самите не знаат зошто.
Утринската вкочанетост е еден од главните симптоми на ревматидниот артритис, и вообичаено таа вкочанетост трае подолго и од 30 минути.
Освен утринска вкочанетост, зглобовите низ телото може да почнат да се чувствуваат вкочането и во тек на денот, особено после продолжени периоди на неактивност.
Први зглобови кои се зафатени од овој воспалителен процес се зглобовите во дланките и во стапалата, но болка и вкочанетост може да се јави и во колената или рамениците и тоа на двете страни од телото.
Во комбинација со овие симптоми понекогаш се појавува и ниско покачена телесна температура.
Дополнително, доколку воспалението направи притисок на нервите, може да се развие и синдромот на карпален тунел.
Доколку ваквиот воспалителен процес продолжува да трае, тој може да предизвика и деформитети и нарушена функција на зглобовите.
Болката која ја прати оваа болест, може дополнително да го наруши одвивањето на секојдневните активности, но и покрај чувството на болка со цел да се одржи мобилноста на зглобовите се препорачува правење на редовни лесни вежби.
Ревматидниот артритис може да доведе и до појава на други симптоми и надвор од зглобовите, а тоа најчесто се губитокот на апетит, суви очи и уста, болки во градите, појавување на чворчиња под кожата, и тоа во пределот на рацете и лактите.
Како резултат на оваа болест може да дојде дури и до оштетување на срцевиот мускул, плуќата, крвните садови, што понатака води и до проблеми со нервите и кожата.
Затоа што симптомите на ревматидниот артритис се сериозни и со тек на времето имаат тенденција да се засилуваат, доколку се појават потребно е да се појде на лекар и доколку се дијагностицира ревматиден артритис веднаш да се превземат мерки за смирување на состојбата.