Кариесот е еден од најчестите проблеми со забите. Тој претставува перманентно оштетување на цврстата површина на забот, пришто се создаваат мали отвори или дупки.
Причинител за појава на кариес се смета дека е комбинација на повеќе фактори, вклучувајќи го присаството на бактерии во усната празнина, честото јадење, пиењето на зашеќерени пијалоци и неодржувањето на добра хигиена.
Всушност се смета дека кариесот се создава поради имбаланс во биофилмот (бактерискиот плак) кој ја прекрива површината на забите. Под влијание на разични фактори одредени бактерии ги претвораат остатоците од храната во киселини кои го оштетуваат забот.
Кариесот почесто се појавува кај децата и тинејџерите, но не ретко го има и кај повозрасните. Доколку не се открие навреме и не се третира кариесот може да се прошири во подлабоките слоеви на забите, д апредизвикаинфекција, па дури и да доведе до загуба на забот.
Токму затоа многу се важни редовните посети на стоматолог, како и правилното четкање на забите и употребата на забен конец за темелно чистење на интерденталните простори.
Симптомите, како и нивниот интензитет варираат и зависат од степенот на кариес и неговата локација. Така на пример доколку кариессот е во почетна фаза можно е воопшто да нема симптоми. Но, како што продолжува да се развива кариесот почнуваат да се појавуваат некои од следниве симптоми:
- Спонтана болка во забот која не се развива поради некоја очигледна причина
- Пречувствителност на забот
- Средна до остра болка при јадење или пиење на нешто слатко, жешко или студено
- Видливи дупки или процепи во забите
- Кафени, црни или бели флеки на површината од забот
- Болка при загризување
Посетите на стоматолог треба да бидат дел од здравствената рутина на секој човек, но ретко кој го практикува тоа. Овие стоматолошки контроли се важни затоа што би можеле да допринесат за рано откривање на кариесот дури и во случај на отсуство на билокакви симптоми. Но, безоглед дали лицето практикува редовни стоматолошки контроли или не, доколку се појави некој од погоре наведените симптоми се советува итно да се посети заболекар.