Орална кандидијаза и што треба да знаеш за неа

Оралната кандидијаза е состојба при која габичката Candida albicans прекумерно расне и се насобира во усната празнина. Кандидата е нормален жител во устата, но при промена на животните услови односно кога тие стануваат поповолни за неа, таа може да почне прекумерно да расне и да доведе до развој на т.н орална кандидијаза.

Најчесто оваа состојба се препознава по присаството на бели кремасти лезии насобрани на јазикот, внатрешната страна на образите или на други места во усната шуплина и грлото, вклучувајќи ги понекогаш и крајниците.

Ваквиот вид на кандидијаза може да се јави буквално кај секого, но почесто се појавува кај бебињата и повозрасните лица поради намалениот имунитет, или кај лица кои имаат проблеми со имунитетот од причина која е различна од возраста, на пример поради употребата на некои лекови или присуството на некоја болест.

Кај здравите лица појавата на орална кандидијаза е минорен проблем, но ситуацијата е многу посериозна за оние лица кои имаат намален имунитет.

За појавата на орална кандидијаза постојат и одредени ризик фактори, а тоа се следниве:

  • Ослабен имунитет – оралната кандидијаза најчесто е пратечка појава на оние состојби при кои има намален имунитет, и тоа безоглед на причината за намалениот имунитет, од возраст, ниво на стрес, па се до употреба на некои лекови, и постоење на други заболувања.
  • Дијабетес – во случајот на недобро контролирана шеќерна болест, плунката на пациентот може да содржи поголема количина на шеќер што создава одлични предуслови за развој на кандида во устата.
  • Вагинална кандидијаза – овој тип на кандидијаза најчесто е причина за развој на орална кандидијаза кај новороденчето.
  • Лекови – некои лекови како што се кортикостероидите, или антибиотиците водат до нарушување на нормалниот баланс на микроорганизми во телото и меѓудругото го го зголемуваат и ризикот за појава на орална кандидијаза.
  • Други состојби во устата – носењето на различни протези или имање проблем како сува уста, повеќекратно го зголемува ризикот за развој на кандидијаза во усната шуплина.

Кај здравите лица оралната кандидијаза не претставува сериозен или загрижувачки проблем, но за лицата со ослабен имунитет станува збор за посериозна појава која доколку не се третира навремено, може да се прошири и на езофагусот како и на другите делови од телото.