Што е мозочен удар и како да го препознаеш

Исхемичен мозочен удар се случува кога дотокот на крв кон одреден дел од мозокот е спречен или намален поради што мозочното ткиво во тој дел не добива доволно кислород и хранливи материи.

Затоа што мозочните клетки можат да одумрат само за неколку минути, при мозочен удар итно треба да се укаже медицинска помош, со цел да се спречат можните компликации.

За да може навремено да се реагира и итно да се побара стручна помош потребно е да се знаат и симптомите кои посочуваат на мозочен удар, а тие се следните:

  • Потешкотии во говорот, но и во разбирањето – лицето кое доживеало мозочен удар зборува тешко или неразбирливо, а може да му е тешко и да го разбере она што го говорат другите.
  • Парализа или здрвеност на лицето, раката или ногата – парализата или здрвеноста која се појавува при мозочен удар се случува одеднаш и најчесто ја зафаќа едната страна од телото. Ако на лицето му се каже да ги дигне двете раце истовремено над главата и притоа едната рака му падне тоа е показател за мозочен удар, истотака доколку се обиде да се насмее и едната страна од устата му падне надолу треба да се посомневаме во мозочен удар.
  • Проблеми со видот во едното или во двете очи – наеднаш може да се појави заматено или затемнето гледање во едното или во двете очи, или лицето може да почне да гледа дупло.
  • Главоболка – при мозочен удар можно е наедна да се појави многу силна главоболка која често е придружена со повраќање, мачнина или пореметена свесност.
  • Потешкотии со одењето – лицето кое доживеало мозочен удар може да има проблеми со чекорењето да се сопнува или да губи рамнотежа, можно е и одеднаш да му се слоши како и да загуби координација во просторот.

Доколку се појават некои од овие симптоми, дури и ако се појават, а потоа целосно исчезнат сепак треба да се побара итна медицинска помош, затоа што на тој начин може да се спречи да дојде до поголемо оштетување на мозокот или до развој на некаква попреченост.

Мозочниот удар може да предизвика трајни или привремени компликации односно попречености, и најчесто тоа се:

  • Парализа или загуба на движењето на мускулите – понекогаш лицето кое преживеало мозочен удар останува парализирано на едната страна од телото, или одредена група на мускули истотака од едната страна на лицето или во едната рака ја загубуваат способноста за придвижување.
  • Потешкотии во говорот или во голтањето – доколку мозочниот удар ја наруши контролата врз мускулите во устата и грлото, тогаш лицето може да има проблеми со изговарањето на зборовите и со голтнувањето.
  • Загуба на меморијата или потешкотии со размислувањето – многу од лицата кои доживеале мозочен удар доживеале и загуба на одреден дел од меморијата, и развиле проблеми со размислувањето, расудувањето, како и во разбирањето на одредени концепти.
  • Емоционални проблеми – луѓето кои преживеале мозочен удар може да имаат проблеми со контролирањето на нивните емоции, или да добијат депресија.
  • Болка – болка, отапеност или други невообичаени сензации може да се јават во одредени делови од телото.
  • Промени во однесувањето или грижата за себе – луѓето по преживеаниот мозочен удар можно е и да изгледаат отсатно или повлечено, а често пати им е потребна и помош во секојдневната грижа за себе,како и во извршувањето на дневните обврски.