Тахикардија е медицински назив за состојба при која пулсот на срцето надминува 100 отчукувања во минута. Честопати тахикардијата може да е последица и на аритмија.
Покачувањето на пулсот поради стрес или физичка вежба не се смета за тахикардија, бидејќи станува збор за нормална појава.
Тахикардијата не секогаш е причина за развој на некои посериозни симптоми или компликации, но ако не се третира и продолжи да трае предолго време, може да доведе до сериозни здравствени проблеми како што на пример е откажување на срцето.
Постојат повеќе видови на тахикардија, од кои синусната тахикардија најчесто е резултат на покачување на пулсот кој е предизвикан од вежбање или стрес. Другите видови на тахикардија се групирани во зависност од тоа кој дел од срцето е одговорен за забрзаниот ритам и која е причината.
Тахикардиите кои се последица на неправилно отчукување на срцето се следниве:
- Атријална фибрилација – Ова е најчестиот вид на тахикардија, за која причина се нерегуларните електрични сигнали во горните комори на срцето. Овој тип на тахикардија понекогаш минува сам од себе, а понекогаш е потребно да се третира.
- Атријално треперење – овој вид на тахикардија е многу сличен на претходниот, но срцевите отчукувања се многу поорганизирани. И овој тип на тахикардија може да мине само од себе, но понекогаш е потребен и третман.
- Вентрикуларна тахикардија – овој тип на аритмија започнува подолу во срцето, и брзите срцеви отчукувања не му дозволуваат на срцето нормално да се наполни и контрахира. Доколку овој вид на тахикардија трае само неколку секунди тој е безопасен и минува сам од себе, но ако трае подолго од неколку секунди тогаш може да биде опасна и по живот.
- Суправентикуларна тахикардија – овој термин опфаќа повеќе видови на аритмии кои почнуваат над вентрикулите и предизвикуваат епизоди на срцеви палпитации кои нагло почнуваат и нагло завршуваат.
- Вентрикуларна фибрилација – ова е многу сериозно пореметување во срцевиот ритам кое може да резултира и со смрт, ако нормалниот срцев ритам не биде вратен за неколку минути. Ваков проблем се јавува кај некои луѓе кои имаат срцева болест или биле удрени од гром. При овој вид на тахикардија доаѓа до брз и драматичен пад на крвниот притисок, и за неколку секунди можно е да дојде до колапс. Во ваков случај потребно е најитно да се повика брза помош.
Атријалната фибрилација е најчестиот вид на аритмија кој доведува до појава на забрзана срцева работа при што телото се снабдува со недоволно количество на крв и органите и ткивата не добиваат доволно кислород.
Овој тип на тахикардија може да се препознае преку следниве симптоми:
- Болка во градите
- Онесвестување (синкопа)
- Зашеметеност
- Забрзан пулс
- Недостаток на воздух
Но, некои луѓе кои имаат тахикардија немаат видливи симптоми, и состојбата во тој случај се открива при лекарски преглед и со примена на соодветни тестови.
Но воглавно советот до сите оние кои ќе забележат забрзана срцева работа, е да посетат лекар со цел да се провери за што точно станува збор.