Намаленото либидо се дефинира како намален интерес за сексуална активност.
Иако е нормално интересот за сексуална активност да варира со тек на времето и не секогаш да се совпаѓа со потребите на партнерот, подолгото губење на желбата може да укажува и на некој посериозен проблем.
Најчестите причини за загуба или намалување на либидото кај мажите е нискиот тестостерон.
Доколку нивото на половиот хормон тестостерон се намали во телото на мажот, тоа почнува да влијае негативно не само врз либидото туку и врз севкупната репродуктивна функција и здравје на мажот.
Со тек на годините, со процесот на стареење, нормално е да се намалува и нивото на тестостерон во телото на мажот, но доколку дојде до негов брз пад тоа може да доведе до значителен пад и во либидото.
Доколку постои сомнеж дека нивото на тестостерон е намалено, потребно е да се посети лекар за да се измери неговото ниво во крвта, и доколку е потребно да се превземат соодветни мерки.
Покрај промената на животниот стил, за третман на овој проблем често се употребуваат и додатоци во исхраната, препарати за локална употреба или доколку е неизбежно се применува и тестостерон заменска терапија.
Проблеми со либидото можат да се појават и како резултат од употребата на некои лекови.
На пример лекарствата кои се употребуваат за намалување на покачениот крвен притисок како што се АЦЕ инхибиторите и бета блокторите можат да влијаат негативно врз ерекцијата и ејакулацијата и последователно да доведат до пад на либидото.
Тетостеронот може да се намали и како резултат на употреба на опоиди, поради хемотерапија или радијациска терапија, па дури и како резултат на употреба на антифунгалниот лек кетоконазол.
Циметидинот кој се употребува често за проблеми со желудечната киселина истотака може да го намали тестостеронот, сличен ефект предизвикуваат и антидепресантите како и анаболните стероиди кои се користат од некои спортисти за зголемување на мускулната маса.
Депресијата истотака може да биде причина за намалениот интерес за сексуална активност, бидејќи таа доведува до губење на интерес за сите активности кои на лицето некогаш му носеле задоволство, вклучувајќи го и сексот.
Присаството на хронични болести ои изнемоштуваат, загрижуваат или предизвикуваат болка истотака прават сексот да е на дното на листата на приоритети.
Проблемите со спиењето, спиечката апнеа, стресот, несогласувањата па дури и презаситеноста од присаството на партнерот можат да ја намалат желбата за редовна сексуална активност.
Немањето на физичка активност или прекумерното вежбање истотака негативно можат да влијаат врз либидото, како и употребата на алкохол или некои психотропни супстанции.