Синдром на суво око и причини за негово појавување

Синдромот на суво око е честа појава и се случува кога солзите не успеваат да му пружат доволна лубрикација на окото.  Причината може да биде несоздавање на доволно солзи или создавање на недоволно квалитетни солзи.

Солзите може да бидат несабилни и несоодветни од повеќе причини, а нивната неадекватност може да предизвика воспаление и оштетување на површината на очите.

Сувите очи предизвикуваат непријатно чувство, кое се манифестира како печење или боцкање.  Очите можат и привремено да станат суви, како на пример при подолго патување со авион, во соба со еркондишн, при возење на велосипед или при долготрајно гледање во екран од компјутер.

За третман на синдромот на суви очи се користат капки и се советува промена на животниот стил.

Солзите се лачат постојано и создаваат заштитен солзен филм врз окото.  Овој солзен филм има три слоја: маслен слој, воден слој и мукус.  Оваа комбинација во нормални услови ја прави површината на очите мазна, навлажнета и бистра.  Но, кога ќе настане проблем во некој од слоевите на солзниот филм  доаѓа до појава на суви очи.

Нарушувања во солзниот филм може да се појават поради различни причини, како на пример хормонални промени, автоимуни болести, воспалени жлезди во очните капаци или алергии.  Но, кај некои лица причина за појава на сувите очи може да биде резултат на намалено создавање на солзи или нивно зголемено испарување.

Намаленото создавање на солзи, најчесто се должи на несоздавање на доволен воден слој во солзниот филм.  Најчести причини за намалено создавање на солзите се:

  • Стареењето
  • Одредени заболувања како Сјорген синдром, алергии, ревматиден артритис, лупус, тироидни нарушувања, недостаток на витамин А итн.
  • Одредени лекови како антихистаминици, заменска хормонална терапија, антидепресанти, контрацептиви итн.
  • Оштетување на нервите поради носење на леќи или поради ласерска операција, но појавата на суво око при оваа процедура најчесто е од привремен карактер.

До зголемено испарување на солзите доаѓа најчесто кога постои затнување на меибомиановите жлезди кои се одговорни за создавањето на мрсниот слој од солзната течност.  До затнување на овие жлезди доаѓа почесто кај лицата кои имаат розацеа или некои други проблеми со кожата.

Освен нарушената функција на меибомиановите жлезди, други причини за побрзо испарување на солзниот филм може да биде и недоволно честото трепкање ( при Паркинсонова болест, или при подолго концентрирање како при возење или при работа на компјутер), проблемите со очните капаци, алергиите кои ги зафаќаат очите, конзервансите во капките за очи, ветерот, чадот, сувиот воздух и дефицитот на витаминот А.