Покачениот крвен притисок е подмолна болест која може да направи сериозни оштетувања во човечкиот организам и тоа пред да се забележат симптомите. Токму затоа се препорачува да се прави негово редовно контролирање, односно мерење.
Доколку со редовното мерење на притисокот се детектираат вредности над нормалната, потребно е веднаш да се превземат мерки за негово намалување, дури и без присуство на било какви симптоми.
Во третманот на покачениот крвен притисок, првиот чекор кој се превзема е промена на начинот на живот и исхраната.
Од исхраната треба да се исфрли солта и солената храна, како на пример соленото сирење, сувомеснатите и конзервирани производи.
Освен што треба да се внимава на исхраната треба да се внимава и на редовната физичка активност. Редовното раздвижување или вежбање, позитивно делува врз регулирањето на крвниот притисок, а може да помогне и во случај кога пациентот треба да ја намали покачената телесна тежина.
Стресот е еден од ризик факторите и директните причинители за покачување на притисокот и токму затоа важно е тој да се држи под контрола. Здравото менаџирање на стресот со употреба на различни делотворни практики, како што се јога, медитација, вежби за длабоко дишење и слично, поволно влијаат во случајот на хипертензија, и нивното позитивно дејство многупати било потврдено и со научни студии.
За регулирање на покачениот крвен притисок, на пазарот денес има и различни додатоци во исхраната, а особено ефикасни се покажале оние кои содржат екстракт од бел или од црн, односно ферментиран лук.
Доколку погоре споменатите методи не успеат да го намалат и доведат крвниот притисок во рамките на нормалата ,тогаш по препорака од лекар се почнува со користење на антихипертензивни лекови.
Постојат различни видови на антихипертензивни лекови кои се користат поединечно или во комбинација. Но, дури и при нивна редовна употреба потребно е да се продолжи со контролирање на крвниот притисок, затоа што овие лекови понекогаш ја загубуваат ефикасноста и потребно е да се заменат со други.
Истите препораки кои важат за третман на покачениот крвен притисок, со исклучок на употребата на конвенционални лекови, можат да се употребуваат и за превенција на појавата на хипертензија.