Уринарна инконтиненција – загуба на контролата над мочниот меур е многу честа состојба која ги засрамува оние кои патат од неа. Може да се разликува според интензитетот, од неволно испуштање на млаз на урина при кивање и кашлање, до неможност да се стигне навреме до тоалетот.
Иако оваа појава е почеста кај возрасните, сепак таа не е нормален дел од стареењето, и кај повеќето луѓе се решава со промена на исхраната и животниот стил.
Постојат повеќе видови на инконтиненција и тоа:
- Стрес инконтиненција – во овој случај доаѓа до неволно испуштање на урина при напињање, како што е кашлање, кивање, смеење, вежбање или при дигање на нешто тешко.
- Инконтиненција при потреба – се манифестира како изненадна силна потреба за уринирање, која е пратена со брзо неволно испуштање на урина. Може да се манифестира и како премногу честа потреба за уринирање која може да перзистира и преку ноќта. Најчесто е предизвикана од инфекција, дијабетес или некое неуролошко заболување.
- Инконтиненција поради непотполно празнење – се појавува во форма на постојано протекување на урина, за што причина е непотполното празнење на мочниот меур.
- Функционална инконтиненција – се случува кога лицето физички или ментално е спречено навреме да стигне до тоалетот.
- Мешана инконтиненција – во овој случај најчесто истовремено се појавуваат стрес и инконтиненцијата поради потреба.
Иако на повеќето пациенти им е срам да дискутраат за инконтиненцијата со нивниот лекар, сепак тоа е неопходно доколку проблемот е толку изразен што почнува да го нарушува квалитетот на животот.
Третманот на уринарната инконтиненција зависи од нејзиниот тип, од интензитетот и од причината. Некогаш потребно е да се направи и комбинација на неколку третмани. Доколку инконтиненцијата е само симптом на некоја друга состојба, третманот би започнал со лекување на таа состојба.
Лекувањето по правило би требало да започне со некои неинвазивни процедури, а доколку тие не вродат со резултат тогаш се преминува кон нешто друго.
Во третманот на инконтиненција најчесто се препорачува следното:
- Тренирање на мочниот меур – ова се прави со свесно задржување на урината кога ќе се појави нагонот за уринирање. Се започнува на тој начин што се осложува празнењето на мочниот меур барем за 10 минути откако ќе се појави потребата. Целта е да се продолжи времето меѓу последователните одења во тоалет, и да биде од да ипол до три ипол часа.
- Дупло празнење – целта на оваа метода е пациентот да се обиде комплетно да го испразни мочниот меур, и се изведува така што по уринирањето се чека неколку минути и потоа повторно се уринира.
- Уринирање според распоред – се изведува така што наместо да се појави нагон за уринирање, на секои два до четири часа се оди во тоалет.
- Менаџирање на внесот на течности и храна – ова се прави со цел да се воспостави контрола над мочниот меур. Се препорачува да се избегнува алкохол, кофеин или кисела храна. Да се намали внесот на течности, да се намали прекумерната теесна тежина или да се зголеми физичката активност.
- Вежби за мускулите на дното на пелвисот – овие вежби се препорачуваат со цел да се зајакнат мускулите кои го контролираат уринирањето. Потребно да се прават често за да го дадат саканиот резултат, и се нарекуваат Кегелови вежби.
Кегеловите вежби се изведуваат на следниов начин:
- Пациентот е потребно да замисли дека сака да го сопре протокот на урина, и со таа цел треба да ги затегне мускулите кои би му помогнале да го стори тоа. Потребно е да ги држи мускулите затегнати во времетраење од 5 секунди, да ги опушти и да ги држи опуштени 5 секунди. Доколку ова е претешко алтернативата е да се држат контрахирани мускулите 2 секунди, а опуштени 3 секунди.
- Целта е да се стигне до способност да се држат мускулите контрахирани во времетраење од 10 секунди, и да се прават најмалку 3 сета од по 10 повторувања секој ден.
Доколку ваквите методи не го дадат саканиот ефект, во третманот н инконтиненција може да се употребат и други методи како што се лекови, електрична стимулација, и употреба на вградливи медицински средства.