Провери кој е твојот ризик фактор за покачен притисок?

ШТО ПРЕДИЗВИКУВА ХИПЕРТЕНЗИЈА?

Постојат два типа на висок/покачен крвен притисок.

  • Примарна (есенцијална) хипертензија

Кај повеќето возрасни, не може да се утврди причината за висок крвен притисок. Овој тип на висок крвен притисок, кој се нарекува есенцијална хипертензија или примарна хипертензија, обично се развива постепено, во текот на многу години.

  • Секундарна хипертензија

Кај некои луѓе, високиот крвен притисок се јавува поради веќе постоечка состојба. Овој тип на висок крвен притисок, наречен секундарна хипертензија, обично се јавува одеднаш и предизвикува повисок крвен притисок од примарната хипертензија. Секундарната хипертензија може да биде предизвикана од разни состојби и лекови како што се:

  • проблеми со бубрезите
  • тумори на надбубрежната жлезда
  • некои вродени дефекти во крвните садови
  • некои лекови, како што се апчиња за контрацепција, лекови против настинка, деконгестиви и лекови против болки
  • дроги како што се кокаин и амфетамини

РИЗИК ФАКТОРИ ЗА ХИПЕРТЕНЗИЈА

Многу ризик фактори се поврзани со покачениот крвен притисок и тоа:

Возраст – Како што старееме, ризикот од висок крвен притисок се зголемува. Покачениот крвен притисок е почест кај мажите во раните средни години. Кај жените, висок крвен притисок обично се јавува по менопаузата.

Раса – Високиот крвен притисок е особено чест кај припадниците на црна раса, а често се јавува на порана возраст отколку кај белците. Тешки компликации како што се мозочен и срцев удар исто така се почести кај припадниците на црната раса.

Историја на болести во семејството – Високиот крвен притисок обично се јавува кај членови од исто семејство.

Прекумерна телесна тежина или обезност – Колку повеќе килограми имате, толку повеќе крв ви треба за да се донесе кислород и хранливи материи до ткивата. Како се зголемува количината на крв која циркулира низ вашите крвни садови, така се зголемува и притисокот на ѕидовите на артериите.

Физичка неактивност – Лицата кои не се физички активни се повеќе склони кон зголемена срцева фреквенција (пулс). Колку е повисока срцевата фреквенција, толку вашето срце мора понапорно да работи со секоја контракција и во таа насока поголема е и силата на артериите. Недостаток на физичка активност исто така го зголемува ризикот од прекумерна телесна тежина.

Пушење цигари – Пушењето веднаш, привремено го зголемува крвниот притисок додека хемиските соединенија од тутунот можат да ги оштетат внатрешните ѕидови на артериите. Ова може да предизвика стеснување на артериите, што ќе доведе до зголемување на крвниот притисок.

Премногу сол во исхраната – Поради премногу натриум во исхраната, телото може да задржува течност, а тоа може да го зголеми крвниот притисок.

Премалку калиум во исхраната – Калиумот помага да се балансира количината на натриум во вашите клетки. Ако не внесувате доволно калиум преку исхраната или доволно не го задржувате, во крвта ќе се насобере премногу натриум.

Премалку витамин Д во исхраната – Не е сигурно дали недоволната количина на витамин Д во исхраната доведува до висок крвен притисок. Витаминот Д може да влијае на еден ензим кој влијае на крвниот притисок, а го произведуваат бубрезите.

Прекумерно консумирање на алкохол – По некое време, претераното уживање во алкохолот може да го оштети срцето. Ако пиете повеќе од два или три алкохолни пијалоци еден по друг, крвниот притисок исто така привремено ќе ви се покачи оти поради алкохолот телото испушта хормони кои го зголемуваат протокот на крв и отчукувањата на срцето.

Стрес – Високите нивоа на стрес можат привремено, но значително, да го зголемат крвниот притисок. Ако се обидете да се опуштите со прекумерна консумација на храна, алкохол и пушење, само ќе ги влошите проблемите со висок крвен притисок.

Некои хронични состојби – Некои хронични состојби исто така може да го зголемат ризикот од висок крвен притисок. Тоа се: висок холестерол, дијабетес, бубрежна болест или слип апнеа.

Понекогаш висок крвен притисок може да се појави за време на бременоста.

Иако висок крвен притисок најчесто се јавува кај возрасни и децата може да бидат изложени на тој ризик. Кај некои деца, високиот крвен притисок може да биде предизвикан од проблеми со бубрезите или срцето. Кај сè поголем број деца, лошите животни навики, како што се нездравата исхрана и недоволната физичка активност, придонесуваат за висок крвен притисок.