Што може да ти предизвика гастритис?

Желудникот е најширокиот дел од дигестивната цевка кој служи за складирање и варење на храната. Во желудникот секој залак се таложи во слоеви кои со желудочниот секрет хемиски се разградува на едноставни соединенија и залците се претвораат во каша која се создава и насобира без истегнување на ѕидовите. Потоа, желудочната содржина доаѓа дистално во горниот дел на желудникот, а оттаму во порции се празни во дванаесетпалачното црево (дуоденум).

Гастритисот опфаќа воспалителни промени на желудочната слузница,а гастропатијата се однесува на епителни или вакуларни промени на желудочната слузница, при што инфламаторната компонента е минимална или отсутна. Класификациите на гастритисот се базирани на должината на траење (акутни/хронични), хистолошките карактеристики, анатомската проширеност и етиологијата.

Гастритисот може да се појави наеднаш (акутен гастритис) или може пополека да се развива со тек на времето (хроничен гастритис).

Гастритисот најчесто е предизвикан од инфекцијата Хеликобактер пилори, додека останатите воспалителни причинители (бактериски, вирусни, паразитни и габични) се значително поретки поради влијанието на киселините во желудникот.

За појава на гастритис може да придонесат и други фактори, како што е трауматска повреда, редовно земање на средства против болки, како и претерано уживање во алкохолот.

За повеќето луѓе, гастритисот не е тешка болест и со соодветно лекување, состојбата може брзо да се поправи.

ШТО МОЖЕ ДА ПРЕДИЗВИКА ГАСТРИТИС?

Гастритис обично се јавува кога заштитниот слој во желудникот ослабува или е оштетен. Слузницата го штити ѕидот на желудникот од желудочната киселина која помага при варење на храната. Ослабениот заштитен слој овозможува дигестивните сокови да ја оштетат и да предизвикаат воспаление на слузницата на желудникот.

За појавата на гастритис може да допринесат или да го предизвикаат бројни фактори:

Бактериска инфекција – Лицата заразени со бактеријата Хеликобактер пилори може да добијат гастритис, најчесто хроничен гастритис. Се смета дека половина од светското население е заразено со оваа бактерија, оти се пренесува од лице на лице. Но, повеќето заразени не чувствуваат компликации што ги предизвикува инфекцијата со Хеликобактер пилори. Кај некои, оваа бактерија може да го оштети внатрешниот заштитен слој на желудникот и да предизвика промени на слузницата на желудникот. Не е јасно зошто некои лица имаат компликации што ги предизвикува Хеликобактер пилори, а други немаат. Лекарите сметаат дека чувствителноста на бактеријата е наследна или е последица на стилот на живот, помеѓу другото и пушењето цигари и голем стрес.

Редовна примена на лекови против болки – Нестероидните противвоспалителни лекови може да предизвикаат и акутен и хроничен гастритис. Долку редовно ги земате тие лекови или ако ги земате во високи дози, може да ја намалите количината на материи кои ја штитат слузницата на желудникот. Проблемите со желудникот поретко се јавуваат кај лица кои само повремено земаат нестероидни противвоспалителни лекови.

Претерано уживање во алкохол – Алкохолот може да ја надразни и нагризе слузницата на желудникот, па тој станува чувствителен на дигестивните сокови. Прекумерното уживање во алкохолот најчесто предизвикува акутен гастритис.

Стрес – Силен стрес предизвикан од опсежна хируршка интервенција, трауматска повреда, изгореници или тешки инфекции може да предизвикаат акутен гастритис.

Автоимун гастритис – До оваа ретка состојба доаѓа кога имуниот систем  ги напаѓа клетките на желудочната слузница. Автоимуниот гастритис почесто се јавува кај лица кои имаат и други автоимуни болести како што се болест на Хашимото, Адисонова болест и дијабетес тип 1. Автоимуниот гастритис може да биде поврзан и со недостаток на витаминот Б12.

Останати болести и состојби – Гастритисот може да биде поврзан со други медицински состојби како што се ХИВ/СИДА, Кронова болест, инфекција предизвикана од паразити, пореметувања на сврзното ткиво, како и затајување на црниот дроб или бубрезите.