Дијабетес тип 1 ( дијабетес зависен од инсулин) е болест предизвикана од целосен недостаток на инсулин што трае цел живот.
ШТО ПРЕДИЗВИКУВА ДИЈАБЕТЕС ТИП 1
Дијабетесот зависен од инсулин се појавува кога одбранбениот систем, кој го штити телото од вируси и бактерии, почнува да го уништува панкреасот, кој лачи инсулин. Никој за сигурно не знае поради што тоа почнува да се случува. Познато е дека некои членови на семејството се посклони кон добивање на дијабетес од други. Исто така се знае дека може да влијаат и некој надворешен фактор. Не е познато како меѓусебно делуваат сите тие фактори.
Симптоми на болеста се видливи кога се уништени 90% од бета-клетките на панкреасот. Дијабетесот тип 1 обично ги погаѓа лицата под 35. година од животот.
ЗОШТО Е ВАЖЕН ИНСУЛИНОТ?
Инсулинот е хормон – супстанца од животна важност што ја произведува панкреасот во бета-клетките. Без инсулин телото не може во целост да ја искористи храната што ја јадеме. Тоа предизвикува да глукозата во крвта или нивото на шеќер во крвта, како што вообичаено го нарекуваат дијабетичарите, премногу се зголеми.
Инсулинот делува како клуч кој помага глукозата од крвта да влезе во клетките. Лицата кои имаат дијабетес не може да произведат доволно такви клучеви кои би ги отвориле вратите од клетките. Кога шеќерот не може да влезе во мускулите и во останатите клетки за да произведе енергија, се јавува замор. Шеќерот кој не може да влезе во клетките се задржува во крвотокот. Во моментот на појава на шеќерната болест, шеќерот во крвта е на абнормално високо ниво и присутни се симптоми на болеста: често и обилно мокрење, жед, глад, губење на телесна тежина, замор, слабост и замаглен вид.
ШЕЌЕР ВО УРИНАТА
Урината настанува со филтрација на крвта низ бубрезите. Без доволно инсулин, количината на шеќер во крвта се зголемува до високо ниво. Кога тоа ќе се случи, дел од шеќерот се прелива низ бубрезите во урината. Тој шеќер кој доаѓа во урината со себе носи многу вода од телото. Тоа го прави лицето многу жедно, пие многу течности и често уринира.
КЕТОНИ ВО УРИНАТА
Без доволно инсулин, телото не може да го искористи шеќерот, па ќе се обиде да ги согори маснотиите за енергија. Кога црниот дроб пребрзо ги согорува маснотиите, се создаваат отровни отпадни материи кои се нарекуваат кетони. Кетоните се опасни оти ја прават крвта кисела. Кога кетоните ќе доспеат до бубрезите, некои се излеваат во урината заедно со шеќерот.
КЕТОАЦИДОЗА
Ако дијабетисот не се лекува со инсулин, се развива сериозна состојба наречена кетоацидоза. Лицето се чувствува болно и веројатно ќе има стомачни тегоби и повраќање. Образите се зацрвенуваат и може да дојде до губење на свеста. Оваа состојба може да доведе до дијабетска кома и бара итен третман со инсулин и надомест на течности.
ХИПОГЛИКЕМИЈА
Хипогликемијата се јавува кога нивото на шеќер во крвта е под 3 mmol/l. Лицата со дијабетес тип 1, секогаш се лекуваат со инсулин. Целта со лекувањето со инсулин е да се одржува нивото на шеќер во крвта што е можно поблизу до нормалните вредности. Но, со инсулинот постои можност шеќерот во крвта да падне под нирмалното ниво, што е состојба позната како хипогликемија (ниско ниво на шеќер во крвта).
СИМПТОМИ
Ако искусите хипогликемија, веројатно ќе имате некои од овие симптоми:
- Чувство на слабост
- Поспаност
- Збунетост
- Потење
- Треска
- Глад
- Вознемиреност
- Иритираност
- Вртоглавица
Може да дојде и до губење на концентрацијата и да се јави бледило. Во многу тешки случаи, лицето може да изгуби свест, па дурии да падне во кома.
ШТО МОЖЕ ДА ПРЕДИЗВИКА ХИПОГЛИКЕМИЈА?
Може да доживеете симптоми на низок шеќер во крвта ако: прескокнете или одложите оброк или едноставно не јадете; вежбате повеќе од вообичаено; земате премногу инсулин; пиете премногу алкохол Запомнете дека може да ги почувствувате знаците на хипогликемија поинаку ако преминете на построга контрола на шеќерот.
КАКО ДА СИ ПОМОГНЕТЕ?
Ако почувствувате дека ви паднало нивото на шеќер во крвта, треба веднаш да изедете или да испиете нешто што содржи шеќер. Вашиот лекар може да ви препорача да земете 10-20 грама шеќер со брзо дејство. Тоа би било отприлика четири до шест коцки шеќер или 200 мл сок од портокал. Доколку ви остане повеќе од еден час до следниот оброк, треба да изедете и сендвич или бисквит. Ако не се чувствувате подобро во следните 15-30 минути, проверете си го шеќерот во крвта. Ако е сè уште е низок, земете уште шеќер со брзо дејство за шеќерот да ви падне толку ниско да повеќе не можете сами да си помогнете.
ХИПЕРГЛИКЕМИЈА
Хипергликемија се јавува кога нивото на шеќер во крвта е повисоко од нормалното. До оваа состојба може да дојде по обилен оброк или во периодот на болест. Хипергликемијата обично не е опасна ако периодот на покачен шеќер во крвта е краток. Во спротивно, подолгите периоди на покачен шеќер во крвта може да доведат до сериозни дијабетски компликации. Речиси секогаш можете сами да го намалите шеќерот во крвта.
СИМПТОМИ
Високото ниво на шеќер во крвта, го ожеднува поединецот и почесто уринира. Може да се чувствува и погладно од вообичаено. Често ќе се чувствува заморено и поспано. Moже да му се јави и заматен вид и да има грчеви во нозете. Симптомите се слични на оние кои упатуваат на дијабетес.
ШТО МОЖЕ ДА ПРЕДИЗВИКА ХИПЕРГЛИКЕМИЈА?
Нивото на шеќер во крвта едноставно може да се зголеми ако лицето правилно не го спроведува лекувањето со инсулин или ако оброците му се преобилни, особено ако храната е богата со јаглехидрати. Исто така, шеќерот во крвта може да се зголеми и ако сте болни и имате треска, ако вежбате помалку од вообичаеното или ако сте изложени на физички и психички стрес. Шеќерот во крвта кај жените исто така може да се зголеми непосредно пред месечното крварење (менструација).
КАКО ДА СИ ПОМОГНЕТЕ?
Проверувајте го нивото на шеќер во крвта. Доколку е високо, вашиот лекар може да препорача 2-4 единици инсулин со кратко дејство. Исто така добра идеја е да ја тестирате урината за кетони. Кетоните се формираат ако имате недостаток на инсулин. Проверете го шеќерот во крвта пред следниот оброк и прилагодете ја дозата на инсулин доколку тоа е потребно.